ГЕВГЕЛИЈА – ГРАД НА КУЛТУРАТА ЗА 2025 ГОДИНА

Во Гевгелија, која е годинашен домаќин на манифестацијата Град на културата, денеска во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија ќе се одржи промоција на монографијата „Сергеј Михајлов: живот и дело“ од авторката Наташа Диденко. Станува збор за научен труд што е посветен на одбележувањето на големиот јубилеј – 100 години од изведбата на првата опера во Македонија „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало. Промотори на книгата се Билјана Ристовска-Јосифовска и Драги Ѓоргиев.
Во нејзината подготовка и изведба директно учествувал рускиот имигрант Сергеј Михајлов. Автор на монографијата е Наташа Диденко, а ја издаде Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ̶ Скопје.
Во монографијата, авторката Диденко ни го претставува животописот на рускиот имигрант С. Михајлов, човекот што создал вредни музички дела, но бил и значаен чинител во институционалниот развој на македонската музичка култура во почетниот воен период, пренесувајќи ги своите знаења и искуства. Неговата незапирлива, творечка, уметничка, креативна, музичка и педагошка дејност најпрво дошле до израз во Гевгелија каде што како музички педагог во гимназијата го напишал либретото и ја искомпонирал музиката за првата опера за деца „Принцезата Ружа“. По премиерата на операта во Гевгелија, таа била успешно претставена и низ околните градови, меѓу кои и Штип каде што биле забележани музичките способности на Сергеј Михајлов. По преселувањето во Штип започнува неговото ново животно поглавје. Со примената на својот трансфер на знаења тој во 1925 г. ја поставил првата опера во Македонија „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, со што ги поставил никулците за развој на музиката со поголема уметничка вредност.
– Забележителните резултати што ги постигнал со својата неуморна работа, посветеност и љубов кон својата професија придонеле тој да остави траен белег, како во колективната меморија на Штип и штипјани така и во културната историја на Македонија. Како движечка сила на музичката уметност во Штип тој ни го докажал она што го има истакнато старогрчкиот филозоф Платон, а тоа е дека „музиката му дава душа на универзумот, крилја на умот, лет на имагинацијата и шарм на животот за сè“ – пишува во најавата.