Унгарските власти ги сметаат „клеветничките дејствија“ на украинските специјални служби за неприфатливи и бараат од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, да ги спречи, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– Му кажав на генералниот секретар на НАТО дека сметам за неприфатливо земја која не е членка на НАТО, Украина, да спроведува дезинформативна и клеветничка кампања против Унгарија, членка на НАТО, организирана од тајните служби – рече тој на унгарскиот телевизиски канал ТВ2 по разговорот со Руте на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
Орбан потсети дека Украина се обидува да стане членка на Европската Унија, но не се обидува да ги подобри односите со земја-членка на ЕУ. Според него, „Киев сака да се оцрни себеси за никогаш да не стане членка на Европската Унија“.
Премиерот на Унгарија додаде дека треба да се направи сè што е потребно за да се обезбеди украинските власти да ја прекинат својата „клеветничка кампања“.
Да потсетиме дека украинската безбедносна агенција СБУ минатата недела објави дека открила шпионска мрежа управувана од унгарската држава за собирање разузнавачки информации за украинската одбрана.
СБУ соопшти дека привела двајца осомничени агенти кои, како што се наведува, биле ангажирани од унгарската воена разузнавачка служба, што, според нив, е првпат во историјата на Украина да се открие дека унгарска шпионска мрежа работи против интересите на Киев.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека украинските обвинувања дека во Украина е откриена унгарска шпионска мрежа се чиста „пропаганда“.
– Би ги замолил сите да бидат внимателни во врска со сите вакви извештаи што се појавуваат како дел од украинската пропаганда – рече тој на прес-конференција.