Фото: ЕПА

Со оглед на резервите што сите ги искажуваат, никој нема големи очекувања од претстојните директни мировни преговори меѓу Путин и Зеленски во Истанбул. Сепак, она што влева мала надеж, тоа е дека барем ќе седнат на заедничка маса и, ако ништо друго, ќе дефинираат период на примирје, период во кој многу полесно ќе се дефинираат контурите на идниот траен мировен договор со кој ќе му се стави крај на конфликтот што е пораз за сите

За 15 мај најавени први директни мировни преговори меѓу Русија и Украина

Очите на европската и светската јавност се вперени во Истанбул, каде што в четврток се очекува да биде остварена првата директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, како вовед во наоѓање трајно мирно решение со кое ќе ѝ се стави крај на тригодишната руско-украинска војна.

Блефирање или искрена намера за крај на конфликтот?

Иницијативата за средба во четири очи со Зеленски потекна лично од претседателот Путин, кој во доцното обраќање до руската јавност најави дека Русија е подготвена за директни мировни преговори без никакви предуслови, за „конечно да се отстранат корените на конфликтот и да се постигне враќање на долгорочен, траен мир“. Путин се обрати до јавноста неколку часа по завршувањето на еднострано прогласениот тридневен прекин на огнот по повод прославата на Денот на победата над нацистичка Германија и нејзините сојузници во Втората светска војна.
– Предлагаме властите во Киев да ги продолжат преговорите што ги прекинаа на крајот од 2022 година, да ги продолжат директните преговори и без никакви предуслови. Предлагаме да започнат без одложување следниот четврток, 15 мај, во Истанбул, каде што се одржаа претходно и каде што беа прекинати – рече Путин во обраќањето пред многубројните домашни и странски новинари во Кремљ во еден и пол часот наутро по локално време.
Рускиот претседател уште најави дека во текот на неделава ќе разговара за тоа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, притоа истакнувајќи дека Москва не ја исклучува можноста за постигнување договор за вистинско примирје.
– Покрај тоа, вистинско примирје, кое би го почитувала не само Русија туку и украинската страна, би било првиот чекор кон долгорочен одржлив мир, а не пролог за продолжување на оружениот конфликт по вооружувањето, дополнувањето на украинските вооружени сили и трескавичното копање ровови и нови упоришта. Кому му е потребен таков мир – праша Путин.
Тој додаде дека овие дискусии треба да се фокусираат на „коренските причини за конфликтот“ – односно на границите на НАТО, чие проширување Русите тврдат дека сакаат да го ограничат. Тој „не исклучи“ дека овие дискусии ќе доведат до воспоставување „ново примирје“.
Од своја страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски брзо одговори на рускиот повик за директна средба со неговиот руски колега. Американските медиуми јавија дека согласноста на Зеленски доаѓа по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп тој да ја прифати понудата од Путин за директни преговори, кои немаат направено директна комуникација од почетокот на војната во февруари 2022 година.
Зеленски уште дополни дека Украина е подготвена за преговори со Русија, но под услов Путин да прифати 30-дневно примирје.
– Чекаме целосен и траен прекин на огнот, почнувајќи од утре, за да се обезбеди потребната основа за дипломатија. Нема смисла да се продолжува со убивањето. И ќе го чекам Путин во Турција в четврток. Лично. Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат изговори – порача Зеленски.

Европските лидери и Трамп со првични оценки

По оваа изјава на украинскиот претседател, Трамп му се обрати преку социјалните мрежи и му порача дека средбата мора да се одржи оти Путин не сака да преговара за прекин на огнот со Украина туку сака средба в четврток во Истанбул на која ќе преговараат за крај на крвопролевањето.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за одржување директни преговори со Украина е „прв чекор, но не е доволен“.
– На безусловен прекин на огнот не му претходат преговори – им рече Макрон на новинарите додека излегуваше од воз во полскиот град Пшемишл по враќањето од патувањето во Украина
Притоа тој додаде дека Путин „бара излез, но сепак сака да купи време“, објави „Франс 24“.
– Тоа е начин да не се одговори. Не смееме да се откажеме – реагираше Емануел Макрон по пристигнувањето на полската граница рано наутро во неделата, излегувајќи од повратниот воз, кој го делеше само со Кир Стармер.
– Мора цврсто да им се спротивставиме на Американците за да кажеме дека прекинот на огнот е безусловен, а потоа можеме да разговараме за преостанатото – им рече тој на некои новинари.
Макрон смета дека ова е нова тактика на одложување од страна на лидерот на Кремљ.
– Тоа покажува дека тој бара пат, но секогаш сака да добие време. Ова е неприфатливо за Украинците бидејќи не можат да прифатат паралелни дискусии додека продолжуваат да бидат бомбардирани. Ова е прв чекор, но не е доволен – рече тој.
Ставот на Макрон е на иста релација со она за што неодамна разговараа лидерите на Франција, Германија, Велика Британија и Полска, кои ден по Денот на победата беа пречекани од Володимир Зеленски во украинската престолнина.

ЕУ се заканува со нови санкции кон Русија!?

Во Киев сите ги изнесоа своите аргументи, надевајќи се, но и навистина верувајќи во потег од Владимир Путин. Володимир Зеленски и четворицата европски лидери што го посетија во саботата (10 мај) на бреговите на Днепар – Французинот Емануел Макрон, Британецот Кир Стармер, Германецот Фридрих Мерц и Полјакот Доналд Туск – го повикаа рускиот претседател да прифати безусловно триесетдневно примирје, кое, според нивните проекции, требаше да започне од вчера, на копно, на море и во воздух.
Понудата беше дадена по самитот на „коалицијата на добронамерните“, со учество на околу дваесет шефа на држави и влади од далечина, меѓу оние што беа најмобилизирани во поддршка на Киев. Сите тие го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да даде поддршка на нивните планови.
– Сите ние тука, заедно со САД, го повикуваме Путин. Ако е сериозен во врска со мирот, има можност да го покаже тоа – рече Кир Стармер на прес-конференција со своите колеги во градината на украинската претседателска палата.
Европејците уште се заканија дека ќе усвојат нови санкции во енергетскиот и финансискиот сектор доколку Путин ја одбие мировната иницијатива.
– Санкциите се ефикасни. Доказ? Русија се стреми тие да бидат укинати што е можно побрзо, во рамките на преговорите – објасни полскиот премиер Доналд Туск, повикувајќи ги луѓето да не се предаваат на „пропагандата на Владимир Путин“ на оваа тема.
Овие дополнителни мерки, како што прецизира Емануел Макрон, би биле „масовни“ и „координирани“ меѓу Европа и САД во случај на кршење на прекинот на огнот, иако администрацијата на Трамп сè уште не донела, според многу европски извори, дефинитивна одлука во овој поглед. Пред сè, во оваа фаза, тоа е двопартиска група американски избрани функционери што се залагаат за нови одмазднички мерки против Москва, под покровителство на републиканскиот сенатор од Јужна Каролина, Линдзи Греам.
Под овие услови, „американско-европската“ иницијатива има големи шанси да остане мртва буква, освен ако не се случи пресврт од Кремљ, кој два месеца, за разлика од Украина, го одбиваше триесетдневниот прекин на огнот што веќе залудно го предложи Доналд Трамп.
Што се однесува до новиот германски канцелар Фридрих Мерц, кој за првпат го посети Киев, тој вети дека ќе продолжи со „масовната помош“ за Киев, без да даде детали, доколку Кремљ одбие. За него, руската инвазија има за цел, надвор од Украина, „да го уништи целиот европски политички поредок“.


Преговорите на Вашингтон со Русија во ќор-сокак

Преговорите на Вашингтон со Русија сега се во ќор-сокак, и покрај отстапките што републиканската администрација изјави дека е подготвена да ги направи за да го привлече Владимир Путин на компромис, па дури и „на штета на безбедносните интереси на Украина и нејзините европски сојузници“. Но, процесот подзастана, па администрацијата на Трамп покажа извесна иритација поради „застојот во последните недели, дури и се закани дека ќе ги прекине разговорите“.
Секој од посетителите на Володимир Зеленски беше во близок контакт со станарот на Белата куќа во последните денови за да се подготви оваа прва заедничка иницијатива по неколку недели високи трансатлантски тензии.
За лидерите на Стариот Континент, станува збор за тоа уште еднаш да му се покаже на американскиот претседател дека неговиот руски колега пред сè се обидува да добие време со множење на тактиките на одложување, додека Володимир Зеленски е подготвен да го замолчи оружјето, пред да се вклучи во разговори за движење кон „праведен“ и „траен“ мир.
Патем, четворицата европски лидери сè уште бараат гаранции од Вашингтон. Доколку стапи во сила – што е многу хипотетички – прекинот на огнот би бил придружен со „мониторинг обезбеден главно од Соединетите Американски Држави“ во кој „сите Европејци ќе придонесат“, рече Емануел Макрон.
Таквиот пристап би можел да ги увери украинските власти, дури и ако Вашингтон сè уште не дал изјава за ова прашање. Киев не сака да чуе за тоа дека прекинот на огнот го надгледува Организацијата за безбедност и соработка во Европа, чиј член е Русија, како што беше случајот со договорите од Минск, договорени за ублажување на конфликтот со сепаратистичките региони на Донбас во 2014 и 2015 година, но без успех. Во следниот период ќе се види дали европската иницијатива е блеф, мајсторски потег или… едноставен публицитет.

Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“ од Франција