Американскиот претседател Доналд Трамп, во продолжение на својата „царинска војна“, објави дека ќе воведе 100 отсто царини за филмови произведени во странство. Во објава на платформата Трут соушал, Трамп рече дека ги овластил Министерството за трговија и Канцеларијата на трговскиот претставник на САД да воведат 100 отсто царини за „сите филмови“ што влегуваат во САД, а се продуцирани во странство.
– Филмската индустрија во Америка умира многу брзо – напиша тој.
Тој забележа и дека многу земји нудат секакви стимулации за да ги намамат филмските работници и студијата подалеку од САД.
– Ова е постојан напор од други земји и затоа претставува закана за националната безбедност. Тоа е, меѓу другото, порака и пропаганда – рече тој.
Сè уште не е јасно како таквата царина може да се примени на меѓународните продукции. Честа појава е продукцијата во САД и во други земји да биде вклучена за големи филмови, како и за некои мали. Филмови со голем буџет како најновиот „Невозможна мисија – Конечно одмаздување“ се снимани низ целиот свет. Програмите за стимулации се поврзани со тоа каде се снимаат филмовите, а сè повеќе филмската продукција се сели надвор од Калифорнија во други американски држави и други земји со поволни даночни услови, како што се Канада и Велика Британија. Сепак, царините имаат цел да ги насочат потрошувачите кон американски производи. Во киносалите во САД, филмовите произведени во Америка се претежно доминантни.