Антонио Форкионе е италијански гитарист, композитор и изведувач. Според многумина, не само од публиката туку и од колегите гитаристи тој е „веројатно најдобриот свирач на акустична гитара во светот“, заедно на врвот со Томи Емануел. Првично студирал перкусии, пред да се префрли на гитара. Затоа неговото свирење покажува силни и сложени ритми, како и значителна употреба на телото на гитарата за ударен ефект. Неговата музичка имагинација нѐ води од џипси-џез нотите, до латиноамериканските ритми и музиката од двата полуострова, Апенинскиот и Балканскиот.
Неговите живи настапи се вистински звучен спектакл, по што публиката редовно останува фасцинирана како од неговата волшебна техника така и од имагинативноста на композициите. Има издадено 21 албум од првенствено оригинален материјал и има настапувано на фестивали и театри низ светот. Често ја споделува сцената со големи музичари како што се Чарли Хајден, Анџелик Киџо, Трилок Гурту, Сара Џејн Морис и многу други. Во 2019 година, неговото „АКА трио“ за албумот „Joy’“ е добитник на годишната награда за најдобар албум на годината на ворлд мјузик.
Во Скопје, Антонио Форкионе настапува на 24 мај во големата сала на Македонската филхармонија со својот квартет, кој има безброј настапи по светските музички сцени заедно со големи музички имиња.