Фото: „Нова Македонија“

За македонската репрезентација до август следуваат серија тест-средби, настапи во Златната европска лига и решавачки натпревари за пласман на ЕП 2026

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, во координација со Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), ја дефинира програмата на националниот тим за настапите летово во Златната европска лига и во вториот дел од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година. Репрезентацијата ќе го има првиот собир на 15 мај во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица, каде што ќе се одработи првата недела од подготовките, потоа на 24 и на 25 мај, Македонија во Марибор ќе одигра пријателски двомеч со Хрватска, информираат од ОФМ.
Од 6 до 8 јуни, Македонија ќе игра на првиот турнир од Златната европска лига во Братислава (Словачка), каде што покрај со домаќинот ќе се сретне и со Финска. Вториот турнир е една недела подоцна во Рига при што Македонија ќе игра мечеви со Летонија и со Грција, а ќе биде домаќин на третиот турнир (20-22 јуни) во салата „Парк“ во Струмица, каде што ќе игра со Црна Гора и со Израел. Ако Македонија биде меѓу првите четири во вкупниот пласман по комплетирањето на турнирите, ќе се пласира на фајналфор-турнирот (5-6 јули), во Брно (Чешка).
По настапот во Златната европска лига, националниот тим ќе има три недели одмор пред повторно да се собере на 20 јули во Маврово, за квалификациските дуели со Грција и со Грузија. По една седмица подготовки во Маврово, селекцијата во Софија ќе одигра контролен двомеч со Бугарија, на 29 и на 30 јули. Потоа репрезентацијата ќе биде во Скопје за финалната фаза од подготовките, а генералната проба пред квалификациите ќе биде 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“ од 5 до 7 август во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, на кој покрај Македонија, учеството го потврдија и Бугарија и Швајцарија. На 13 август сениорите ѝ гостуваат на Грција во Атина, а летната агенда за репрезентацијата ќе се заокружи на 17 август, кога во СЦ „Борис Трајковски“ ќе гостува Грузија, во последното коло од циклусот за ЕП 2026, информира ОФМ. Г.И.