Володимир Зеленски / Фото: ЕПА

Украина останува на својот предлог да не се напаѓа барем цивилната инфраструктура и очекува јасен одговор од Москва, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој истакна дека Русија го отфрли не само американскиот предлог за целосен и безусловен прекин на огнот, туку и вчерашниот предлог – „предлог да продолжат активностите за целта да се постигне мир по Велигден“.

– Сето ова уште еднаш демонстрира што Москва навистина сака. Сепак, Украина останва на предлогот барем да не се гаѓа цивилната инфраструктура. И очекуваме јасен одговор од Москва. Ние сме подготвени на секој разговор како тоа да го обезбедиме – рече украинскиот лидер во своето редовно вечерно обраќање до нацијата преку видеопорака, пренесена од украински „Интерфакс“.

Според него, прекинот на огнот е првиот, сигурен чекор кон мирот.

– Постои очигледен, наједноставен и најсигурен начин, и тоа е: запрете ги ракетните и далекуметните напади со дронови,а тоа автоматски ќе ја гарантира безбедноста на целата цивилна инфраструктура – додаде Зеленски.

Украинскиот претседател напомена дека руските напади продолжиле и денеска долж целата линија на фронтот.

– Само до средината на вчерашниот ден имаше речиси 3.000 гранатирања, напади и други удари. Имаше употреба на руските проектили, „Шахеди“ речиси 90 воздушни бомби, употреба на тешко вооружување и дронови. Руските напади продолжуваат на целиот фронт – рече Зеленски.

Тој, исто така, нагласи дека главната задача на украинските претставници на претстојната средба во Лондон, што ќе се одржи оваа недела, е постигнување безусловен прекин на огнот.

– Мирот доаѓа во тишина. А само кога владее вистинско примирје и кога луѓето имаат доверба во целиот процес на преговарање, тогаш може да се решат суштинските прашања – заклучи Зеленски.