Триото „Аура“ кое го сочинуваат тројца истакнати музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошебски несомнено се вбројува меѓу најдобрите и најатрактивните музички изведувачи во Македонија , па затоа синоќешниот концерт во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ со кој ја започнуваат годинашнава концертна сезона претставуваше вистинско предвелигденско доживување за љубителите на класичната музика.
За овие тројца уметници слободно можеме да кажеме дека претставуваат редок и атрактивен камерен состав кој веќе е препознатлив по своите уметнички достигнувања на Балканот.
Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активно во и надвор од нашата земја. Често се гости на реномирани меѓународни фестивали во земјата и во странство, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови.
Триото промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко високо естетско музицирање високо го карактеризира „изразено чуство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.
Така беше соноќа на концертот во Кавадарци за кој беше одбрана прекрасна програма со дела од Ф. Девиен, М. Бонис, З. Новачиќ, Г. Шокер и на крајот македонската песна „Ој ти момче , охриѓанче“ в аранжман на Владимир Димовски.
Инаку Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тие оваа година слават 10 годишен јубилеј од своето уметничко делување како трио. Досега како три имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Амерка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка,Србија, Словенија, Црна Гора , Хрватска….
Критиката ги нарекува„ мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти редовно се поканувани на реномирани меѓународни фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“ „Есенски музички свечености“ и многу други фестивали на целиот Балкан.
Триото „Аура“ вечерва ќе одржи концерт во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.