Фото: Пиксабеј

Обично мислиме дека миењето со сапун е добра стратегија за да го маскираме нашиот природен мирис и да ги спречиме комарците да ни ја цицаат крвта. Сепак, една студија покажа дека некои сапуни наместо да ни помогнат да се скриеме, всушност нè прават попривлечни цели. Научниците што стојат зад ова истражување сугерираат дека комарците може да бидат привлечени од сапун бидејќи, кога не се хранат со крв, тие го дополнуваат внесувањето шеќер со растителни нектари.
– Кога користиме сапуни со цветни и овошни мириси, ние ги привлекуваме комарците не само со нашиот природен мирис на кожата туку им мирисаме и на цвеќе – забележува Клемент Виноге, кој го предводеше ова истражување на Политехничкиот институт во Вирџинија.
Сепак, истражувањето исто така забележа дека ефектите на сапунот варираат од личност до личност, најверојатно поради интеракцијата помеѓу сапунот и уникатниот профил на мирис на секоја личност.
– Неверојатно е што истата личност, која е исклучително привлечна за комарците кога не се капе со сапун, станува уште попривлечна ако користи еден вид сапун, а потоа станува одбивна ако се мие со друг вид – истакнува Виноге.
Научниците заклучија дека изборот на сапун делумно може да објасни зошто некои луѓе се магнети за комарци, додека други се извлекуваат без ниту еден убод. Студијата вклучи четворица волонтери, кои обезбедија примероци од ткаенина што ја носеа пред капење или по миење со четири различни марки сапун. Ткаенината се користеше наместо директното изложување на волонтерот за да се исклучат ефектите на јаглерод диоксидот што го издишуваме, што е уште еден важен фактор за привлекување комарци. Излегува дека сапунот со мирис на кокос е најдобриот лек против комарци, особено затоа што постојат докази дека кокосовото масло природно ги одбива комарците.