Фото: ЕПА

Четири тима од Премиер-лигата имаат директен пласман во ЛШ, но теоретски Англија може да има и седум клуба во најсилното европско клупско натпреварување следната сезона

ФУДБАЛ

Англиската фудбалска Премиер-лига води во трката за дополнително место во Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона врз основа на настапите на сите англиски екипи во Европа сезонава. Две домашни првенства во Европа ќе добијат по едно дополнително место во Лигата на шампионите за идната сезона, како награда за нивниот коефициент во рангирањето на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Англија, која има четири директни места во ЛШ, води на таа табела на УЕФА, со што би имала пет тима во ЛШ, но теоретски може да има и седум клуба во Лигата на шампионите следната сезона, ако сезоната се одвива на одреден начин, пишува „Би-би-си“.
Секоја земја има коефициент во рангирањето врз основа на тоа како нејзините тимови настапуваат во трите клупски натпреварувања на УЕФА, Лигата на шампионите, Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ). Коефициентните поени се освојуваат преку резултатите на натпреварите (два за победа и еден за реми, поени има и за секој пласман во следна рунда во текот на сезоната), а поените што ги освојуваат клубовите се собираат и се делат со бројот на клубови што лигата ги има во Европа во соодветната сезона. Земјите што ќе ги освојат првите две места на табелата со коефициенти на УЕФА добиваат по едно дополнително место во Лигата на шампионите за следната сезона.
Тие места им се доделуваат на тимовите што ќе бидат на првата позиција под стандардната распределба за влез Лигата на шампионите во тие шампионати. Во Премиер-лигата, првите четири клуба автоматски се пласираат во ЛШ, така што дополнителното место би го добил тимот на петтото место. Дополнителни места за Лигата на шампионите за сезонава добија Болоња и Борусија Дортмунд, кои лани беа на петтото место во Серија А, односно во Бундеслигата, кои, пак, беа на првите две места на таа табела на Европската фудбалска унија.
Во моментов на табелата на УЕФА за коефициенти убедливо води Англија (24,25), а потоа се Шпанија (21,678), Италија (19,937), Германија (17,921)… Англија има најмногу екипи во игра за трофеите, вкупно пет, и тоа Астон Вила и Арсенал во ЛШ, Манчестер јунајтед и Тотенхем во ЛЕ, а Челси во КЛ. Од Шпанија има четири тима, во Лигата на шампионите се Реал Мадрид и Барселона, Атлетик Билбао е во Лига Европа, а Бетис во Конференциската лига. Италија има по еден тим во секој европски куп, во ЛШ е Интер, а Лацио и Фиорентина се во ЛЕ, односно во КЛ. Од Германија учесници во ЛШ се Баерн и Борусија Дортмунд, а Ајнтрахт во ЛЕ, од Франција Пари сен Жермен е во ЛШ, Лион е во ЛЕ…

Победниците на Лигата на шампионите автоматски добиваат место во натпреварувањето за следната сезона. Вообичаено, тимот што ја освојува Лигата на шампионите автоматски се квалификува преку нивната домашна лига, но, во ретки ситуации тоа не е секогаш така, како на пример кога Челси ја освои Лигата на шампионите во 2012 година, но беше на петтото место во Премиер-лигата, по што Челси го зазеде местото на Тотенхем во Лигата на шампионите бидејќи беше тим што беше на четвртото место во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Оттогаш УЕФА го укина тоа правило. Тоа значи дека Астон вила или Арсенал теоретски би можеле да ја освојат Лигата на шампионите и да се пласираат во натпреварувањето следната сезона без да се пласираат преку Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“.
И победникот на Лига Европа добива место во Лигата на шампионите. Според претходните правила, секоја лига можеше да има најмногу пет клуба во најсилното европско клупско натпреварување. Сезонава секој тим што ќе ја освои Лига Европа, но нема да се пласира во Лигата на шампионите преку нивната домашна лига, ќе игра во ЛШ. Тоа значи дека Манчестер јунајтед или Тотенхем би можеле да добијат место во Лигата на шампионите со триумф во Лига Европа, кои во моментов се во вториот дел на табелата на Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“.
Ако се земе сето тоа предвид, дури седум екипи од Премиер-лигата би можеле да се пласираат во Лигата на шампионите за идната сезона. Со оглед на тоа што Англија води во трката за дополнително место, можно е првите пет тима од Премиер-лигата да добијат места во Лигата на шампионите. Потоа, ако Арсенал или Астон вила, која е шеста во лигата по мечевите во саботата, ја освојат Лигата на шампионите, но бидат надвор од местата за пласман во Лигата на шампионите во Премиер-лигата, Англија би го добила шестото место, а седмото место може да им припадне на Манчестер јунајтед или на Тотенхем доколку ја освојат Лига Европа, но да бидат надвор од местата за пласман во Лигата на шампионите преку Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Н.М.