По средбата во Саудиска Арабија се очекуваше САД и Русија да дадат заедничка изјава дека е постигнат договор за прекин на огнот. Но не дојде до тоа. Иако деталите од изјавата не беа докрај најјасни, споделените информации на одредени американски медиуми со американскиот технички тим од Ријад изгледаа оптимистички
По разговорите во Саудиска Арабија меѓу САД и Русија за постигнување договор за прекин на огнот во Украина
Средбата на американската и руската делегација во Ријад, според светските медиуми, траела неверојатни дванаесет часа. Руската страна била претставена од сенаторот Григориј Карасин и советникот на директорот на ФСБ, Сергеј Беседа, а од американската страна биле присутни претставникот на Стејт департментот, Мајкл Антон, и Ендрју Пик од Советот за национална безбедност.
Тема на преговорите била Украина, како и обновувањето на иницијативата за безбедност на пловидбата во Црно Море. Заедничко соопштение на делегациите се очекуваше да биде објавено вчера, но не дојде до тоа, иако неофицијалните информации дека е постигнат договор беа оптимистички.
– Дијалогот за време на преговорите меѓу делегациите на Русија и САД, кои се одржаа претходниот ден во Саудиска Арабија, не беше лесен, но беше корисен за страните; иако не беше решено сѐ – изјави Григори Карасин.
Според државната телевизија Россија-24, „САД и Русија не издадоа заедничка изјава по мировните преговори во Ријад поради позицијата на Украина“.
– Фактот дека седеа 12 часа и очигледно се договорија за заедничка изјава, која сепак не беше усвоена поради позицијата на Украина, е многу типичен и симптоматичен – изјави за руските медиуми Владимир Чижов, првиот заменик-претседател на комисијата за одбрана на Горниот дом на рускиот парламент.
Тој додаде дека не сака да „коментира вакви детали пред да бидат објавени“. Кремљ претходно соопшти дека содржината на разговорите меѓу САД и Русија, одржани во Саудиска Арабија, нема да биде јавно објавена бидејќи двете страни сè уште ги „анализираат резултатите“.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека САД се свесни дека само Вашингтон може да го запре гранатирањето руски цивилни цели од Украина.
– Ми се чини дека нашите американски партнери го добија овој сигнал, тие разбираат дека само Вашингтон може да постигне позитивни резултати во запирање на терористичките напади и запирање на гранатирањето на цивилната инфраструктура – наведе Лавров во интервју за рускиот Канал 1.
Тој посочи дека на средбата со американската делегација во Ријад, Саудиска Арабија, првенствено се разговарало за прашањата за безбедна пловидба во Црно Море, а за прелиминарните резултати од разговорите помеѓу Русија и САД во Ријад најнапред се известуваат претседателите на двете земји, а дури потоа ќе се знае што ќе се соопшти во јавноста. Р.С.
Британски и француски воени команданти се
состанаа непосредно пред политичките преговори
за Украина
На маса планови за воено присуство во Украина
Британски и француски воени команданти се состанаа во Лондон на почетокот на неделава и имаа дополнителни разговори за плановите за воено присуство на европски сили во Украина. Адмирал Тони Радакин, командант на британските вооружени сили, изјави по оваа основа дека двете европски нуклеарни сили „преземаат чекори за создавање посилно и подлабоко партнерство“ по средбата со францускиот колега генерал Тиери Буркар.
Европски воен одговор на ситуацијата во Украина?
Заедно со командантите на армијата, морнарицата и воздухопловните сили на секоја земја, споменатите генерали разговараа за напорите „да се активира европски одговор на ситуацијата во Украина“. Во исто време, руските и американските претставници присуствуваа на разговорите во Саудиска Арабија со цел да се постигне прекин на огнот.
За јавноста, во Украина се планира „европска мировна мисија“
– Двете водечки европски нуклеарни сили ја зголемуваат соработката за да создадат посилно и подлабоко партнерство, кое е од витално значење за безбедноста на континентот – беше официјалната изјава за јавноста од средбата на генералите во Лондон.
Дискусијата ќе помогне во обликувањето на иднината на британско-француската воена соработка и заедничките напори за поддршка на Украина со воена помош „сега и по секој мировен договор“, јавија британските медиуми, додавајќи дека „оперативното планирање за европската мировна мисија во Украина продолжува во британското воено седиште во Нортвуд во текот на целата тековна седмица“.
Кабинетот на британскиот премиер минатата недела објави дека разговорите за создавање „коалиција на подготвените“ ќе продолжат да ги забрзуваат темпото и опсегот на оперативното планирање и поблиску да ги разгледаат деталите и структурата на која било идна европска сила. Р.С.