Концертот ќе биде вистинска прослава на радост и духовност, исполнета со ритам и страст. Публиката може да очекува раскошни костими, динамични кореографии, емотивни вокални изведби

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ве поканува на спектакуларен концерт, „Велигденски ритам со Танец“, каде што ќе се спојат традицијата и енергијата во вистинска празнична експлозија. Концертот ќе се одржи на 16 април, во 20 часот, во Националната опера и балет во Скопје.
– Ќе имате можност да сведочите на мајсторството на нашите игроорци, музичари и пејачи, кои ќе ги оживеат велигденските празнични денови преку автентични македонски ора и песни. Концертот ќе биде вистинска прослава на радост и духовност, исполнета со ритам и страст. Очекувајте раскошни костими, динамични кореографии, емотивни вокални изведби, „Велигденски ритам со Танец“ е повеќе од концерт, тоа е патување низ срцето на македонскиот фолклор, кое ќе ве остави без здив. Придружете ни се да го прославиме Велигден со музика, танц и неизмерна радост – велат од ансамблот.
Овој велигденски концерт е можност да се доживеат убавината и богатството на македонската традиција и да се прослави Велигден со музика и танц.
Јубилејната сезона на „Танец“, ансамблот што овие 75 години ја покажува светлата страна на нашата историја во светот, заврши со гала-концерт во Националната опера и балет лани во декември. Во богатата фолклорна ризница на „Танец“, што датира од различни периоди на дејствувањето на ансамблот, се прекрасните ора и кореографски постановки како „Tешкото“, „Женско чамче“, „Драчевка“, „Свадба“, „Два танца“, „Џамала“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „К’лц нога“, „Копачка“, „Беломорски бисер“, „Малешевка“, „Радовишки собор“ и многу други вокални и вокално-инструментални точки, во изведба на вонсериските национални уметници на ансамблот.
Ансамблот е основан во март 1949 година во Скопје и веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и, недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран е со цел да ги собира и негува македонските традиционални игри и песни, народните инструменти и носии и, преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претстави највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ.


Богата нова концертна сезона на „Танец“

Со проекти од Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам, со концертот на 3 април во Кавадарци, „Танец“ ја започнува концертната сезона 2025 година, потоа следуваат низа концерти од проектот насловен „Изворни минијатури“, адаптиран за помали сцени и предвидени се четири концерти во Кавадарци, Велес, Скопје и во Ресен, а со полн состав „Танец“ ќе одржи целовечерни концерти во Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Тетово, Струга, Неготино, Куманово и во Валандово, кои се дел од годишната програма насловена „Танец низ татковината“. Ансамблот оваа година со свои целовечерни концерти ќе има и меѓународно претставување во Јапонија, Бугарија-Софија, Чешка-Прага, Австрија-Виена, Хрватска. „Танец“ оваа година по третпат свое претставување ќе има и на Галичката свадба, целовечерен концерт на Илинденски денови-Битола и на Балканскиот фестивал-Охрид и „Скопско лето“. Секако, ансамблот е нераскинлив дел од нашиот голем државен празник Илинден. Концертната сезона ќе заврши со традиционален годишен концерт во декември. Концертите во оваа сезона ќе бидат под мотото „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, тоа е богата и емотивна фраза што може да се поврзе со различни контексти, особено со оние поврзани со културата, уметноста и идентитетот.