Фото: Влада

И вчера и денеска посетив пациенти повредени во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани и ги запазив сите протоколи кои ми беа побарани од страна на медицинскиот персонал и докторите. Не го правам тоа заради пи-ар, туку за да излезам пред медиумите и да зборувам отворено за се она со што се соочуваме во овие моменти, порача премиерот Христијан Мицкоски.

-И во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден нема никогаш да видите лице, ниту, пак, да слушнете и прочитате име на пациент кој сум го посетил. Има и такви кои влегуваа со камери и слично, но јас ни вечера ни денеска никаде не влегов со камера, ниту имам намера да правам пи-ар од сето ова. Има само фотографии во тил и никаде нема лице на ниту еден пациент. Мојата цел при овие посети е за да излезам пред вас, да не се кријам и да зборувам отворено за се она со кое се соочуваме и сето она кое го постапуваме – рече Мицкоски во одговор на прашање по денешната посета на повредените во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Фото: Влада

Ако тоа е проблем, а не мислам дека сите ваши колеги мислат така, посочи, тогаш подготвен сум да сносам одговорност.

-Мојата задача како прв човек на македонската Влада е преку вас медиумите да се обратам до граѓаните со пораки и ценам дека во овој момент тие пораки се важни за граѓаните и тоа е мојата цел. Не е мојата цел да правам никаков пи-ар, не мора ништо да објавувате од ова што го зборувам, не мора да објавувате ни една слика, ниту еден статус – им порача Мицкоски на медиумите.