Не треба да се случуваат трагедии за да заклучиме дека соседот е првиот што ќе помогне
- Незапаметената трагедија ги обедини балканските држави, но не треба да ни се случуваат трагедии за да заклучиме дека соседот е тој што првиот ќе ти помогне. Би било добро вака да си помагаме и за други работи, заедно да градиме, да се сплотуваме, да дејствуваме како еден систем што сака на своите граѓани да им понуди благосостојба и просперитет, да ги тргнеме настрана недоразбирањата што на крајот по една ваква трагедија немаат никаква поента. Да се сплотиме и да си помагаме
- Дека станува збор за исклучително вредна поддршка, потврдува и фактот дека повеќемина македонски граѓани се згрижени во Турција, Бугарија, Грција, Србија и во Унгарија, а според последните информации, се очекува да бидат испратени пациенти и во Словенија и Романија
Во ситуација кога Македонија ја погоди незапаметена трагедија во која згаснаа најмалку 59 животи, а се повредени 155 лица во стравотниот пожар во Кочани, се манифестираше големото балканско срце. Несебична помош понудија сите соседни држави, но и сите блиски и подалечни пријатели на македонската држава, а истовремено македонските граѓани без разлика на етничката или религиозната припадност се сплотија и ја понудија својата поддршка за настраданите и нивните блиски.
Дека станува збор за исклучително вредна поддршка потврдува и фактот дека повеќемина македонски граѓани се згрижени во Турција, Бугарија, Грција, Србија и во Унгарија, а според последните информации, се очекува да бидат испратени пациенти и во Словенија и Романија. Дополнително на ова, во Македонија пристигнаа лекари од ВМА-Белград, Србија, како и лекари од воената болница во Прага, Чешка, а се очекува и тим од Израел.
– Сето ова е манифестација на големото балканско срце, сите се понудија да помогнат во оваа тешка ситуација. Помогнаа несебично соседите, помош понудија и други земји. Ова само говори дека тука сме на ова парче земја наречено Балкан и дека треба меѓусебно да си помагаме во секакви времиња – велат нашите соговорници.
Бугарија меѓу првите што подаде рака
Според достапните информации, Република Бугарија примила 14 повредни, кои се хоспитализирани во три болници. Во Универзитетската мултипрофилна болница за активно лекување и ургентна медицина „Н.И. Пирогов“ во Софија се примени осум пациенти, од кои тројца се малолетни на возраст од 15 и 16 години. Во Мултипрофилната болница за активно лекување во Варна при Воената медицинска академија се хоспитализирани тројца повредени, на возраст од 17, 20 и 25 години. Во УМБАЛ „Св. Георги“ – Пловдив исто така се примени тројца пациенти, на возраст од 19, 21 и 49 години, со изгореници од втор и трет степен, како и оштетувања од вдишување жешки гасови.
По трагичната несреќа и разговорот меѓу грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, со координирани акции на министерствата за надворешни работи, здравство, цивилна заштита и грчката служба за итна медицинска помош, Република Грција ги презеде сите чекори побарани од Европскиот механизам за цивилна заштита, велат владини извори. Повеќемина повредени се згрижени во болницата „Папаниколау“ во Солун, како и во воените болници во Атина и Солун.
Србија е сосед каков што се посакува
За Белград со авион беа пренесени повеќемина од повредените лица во трагедијата. Претходно во белградските болници веќе беа згрижени пет пациенти. Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека Србија ќе прими дел од потешко повредените во пожарот. Во Ургентниот центар во Белград исто така се примени повеќемина лица од пожарот во дискотека во Кочани, од кои едно е со исклучително тешки повреди опасни по живот.
Покрај директната помош, нашите соседи изразија и најдлабока жалост за настраданите и нивните семејства. Бугарската влада на вонредна седница донесе одлука вторник (18 март) да биде прогласен за Ден на жалост во знак на солидарност со македонската држава, исто така Владата на Република Србија, по предлог на претседателот Александар Вучиќ, ќе го прогласи вторник, 18 март 2025 година, за Ден на жалост во Србија поради настаните во Кочани.
Исто така на Белградската кула се прикажуваше пораката „За Кочани – Србија е со Македонија“, а беше забележливо и македонското знаме со црна лента. На овој начин Република Србија покажа поддршка за трагедијата што се случи со пожарот во Кочани.
Да нѐ поврзува заемен просперитет, а не само несреќи и трагедии
– Незапаметената трагедија ги обедини балканските држави, но не треба да ни се случуваат трагедии за да заклучиме дека соседот е тој што првиот ќе ти помогне. Би било добро вака да си помагаме и за други работи, заедно да градиме, да се сплотуваме, да дејствуваме како еден систем што сака на своите граѓани да им понуди благосостојба и просперитет, да ги тргнеме настрана недоразбирањата што на крајот по една ваква трагедија немаат никаква поента. Да се сплотиме и да си помагаме – велат нашите соговорници.
Но трагедијата во Кочани не ги обедини само балканските држави туку и македонските граѓани, кои несебично ја понудија својата помош. Веднаш по пристигнувањето на информациите за пожарот, голем дел од граѓаните се самоорганизираа и започнаа со собирање храна, ќебиња, вода итн. за роднините и блиските на повредените. Некои од македонските граѓани понудија и бесплатно сметување, а слично постапија и неколку приватни болници и хотели во Скопје. Д.Ст.