Уште 12 повредени во пожарот во Кочани вечерва со авион се префрлени на лекување во Белград. Четворица од нив ќе бидат хоспитализирани во Воено медицинската академија, а осум во Универзитетскиот клинички центар, потврди за МИА д-р Игор Николов, кој е контакт-лице за сите информации поврзани со состојбата на пациентите во странство.
Во Србија досега се префрлени вкупно 29 пациенти.
Двајца повредени, пак, заминуваат на лекување во Виена и двајца во Загреб.
Со авион Ц-27 на грчкото воено воздухопловство од Скопје во Атина ќе бидат пренесени тројца повредени во пожарот во Кочани, кои ќе се лекуваат во грчката престолнина, објави грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, транспортниот авион со медицински персонал на службата за итна помош вечерва ќе полета од атинскиот воен аеродром за Скопје и откако ќе ги преземе повредените веднаш ќе се врати во Атина.
Повредените се очекува да бидат хоспитализирани во Општата воена болница 401 каде што има Оддел за повредени со изгореници.
Во две болници во Солун, во општата болница Папаниколау и воената болница 424 веќе се на лекување пет лица кои во пожарот се здобиле со изгореници.
Во меѓувреме, на Клиниката за токсикологија во Скопје хоспиталзирани се 10 лица кои имаат интоксикација со гасови. Сите пациенти кои беа на лекување во Кочани се префрелени во Скопје. Уште три лица се донесени на опсервација поради вдишување на гасови.
Во пожарот во дискотеката во Кочани животот го загубија 59 лица, а 155 се повредени. Дел од повредените се хоспитализирани во болниците во земјава, а потешките случаи се префрлени на лекување во странство.