Стотици илјади студенти и граѓани се собраа вчера во центарот на Белград на протестот „15 за 15“, на кој повикаа студентите во блокада поради неправди и корупција, додека власта се бори да го запре повеќемесечниот бес инициран откако во ноември лани се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад при што загинаа 15 луѓе, јави МИА од Белград.
Студентите во Србија, со која цврсто владее популистичка влада повеќе од една деценија, одржуваат речиси секојдневни протести низ државата и привлекуваат десетици илјади луѓе со што ја потресуваат цврстата контрола на власта на претседателот Александар Вучиќ.
Главниот протест одржан вчера, се одржа на повеќе локации во главниот град на Србија. Фармери, моторџии, воени ветерани, наставници и професори како и други групи се приклучија на демонстрациите.
Протестот, што беше закажан за 16 часот пред Народното собрание, почна неколку часа порано, имајќи предвид дека од рано изутрина сообраќајот беше блокиран на голем број улици во Белград, а граѓаните со часови правеа врева со свирежи и вувузели и скандираа „Пумпај“ каде и да поминуваа.
Петнаесетминутниот молк во еден момент го прекина непознат звук кој насобраните го опишаа како топовски удар, по што дел од учесниците на протестот се обидоа да заминат. Студентите во болада од Факултетот за драмски уметности во Белград со итно соопштение ги повикаа граѓаните да се тргнат од областа околу Народното собрание поради инцидентите што се случија, а потоа целосно да го напуштат протестот. Тие изјавија дека студентскиот протест со тоа завршил, меѓу еден и два часа пред претходно најавениот крај.
Архивот на јавни собири објави дека на протестот „15 за 15“ во Белград имало меѓу 275.000 и 325.000 луѓе додека МВР на Србија соопшти дека на протестот во Белград присуствувале околу 107.000 луѓе. Полицијата регистрирала за време на протестот неколку инциденти.
Партии од опозицијата соопштија дека властите употребиле звучен топ на протестот, чие користење е забрането и додадоа дека за тоа итно ќе ја известат меѓународната заедница и институциите на ЕУ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека властите добро ја разбрале пораката од протестот, нагласувајќи дека ќе мора нешто да сменат.
– Добро ја разбравме пораката и сите луѓе на власт мора да ја сфатат пораката кога овој многу народ ќе се собере околу нив, а ние ќе треба да се промениме и да научиме многу од тоа – изјави Вучиќ.
Според него, полициските и воените сили успеале за време на протестот во Белград да спречат обоена револуција во Србија.
Тој додаде дека полицијата не употребила звучен топ и дека „ Србија денеска победила“.
Српскиот претседател изјави дека е уверен оти на избори „поубедливо од претходните ќе ја победи опозицијата“ и дека секогаш е подготвен да го тестира сопствениот легитимитет.
Вучиќ во Палатата Србија изјави дека ако е вистина дека неговиот легитимитет е уништен со протестите, „лесно ќе ме победат на изборите, а јас сум подготвен да ја прифатам пресудата на народот, само не дозволувајте да се жалат по изборите дека загубиле“.
Тој додаде дека останува да се испита дали е вистина дека некој на протестите во Белград имало намера да се изврши државен удар.
Зборувајќи за паркираните трактори, тој рече дека тоа се „трактори на чесни српски домаќини“ поставени пред Пионирски парк „за да се избегне крвопролевање во Белград“.
Истражувањето на јавното мислење спроведено за српските власти, до кое имале пристап „Фајненшл тајмс“, покажа дека поддршката за претседателот Александар Вучиќ е значително намалена и дека само една третина од испитаниците имаат доверба во него, додека 55 проценти немаат доверба во него. Од друга страна, српските студенти кои со месеци протестираат и блокираат универзитети се поддржани од 58 отсто од испитаниците, се вели во текстот на „Фајненшл тајмс“ „Србите пристигнаа во Белград: Време е режимот да престане“, за вчерашниот протест во Белград.
– Невиден број српски граѓани мирно демонстрираа во Белград, повикувајќи на владеење на правото и силни, одговорни демократски институции. Им благодарам на сите што се погрижија за нивната безбедност. Треба да следи договор за реформите неопходни за европскиот пат на Србија – објави на Икс еврокомесарката за проширување Марта Кос.