Фото: „Нова Македонија“

Први носители се репрезентациите на Србија, Германија, Франција и на Шпанија, селекции од второто до петтото место на најновата ранг-листа на ФИБА

КОШАРКА

ФИБА ги објави составите на барабаните за ждрепката за ЕП 2025

По најновото ажурирање на ранг-листата на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), објавени се составите на барабаните за ждрепката за Европското првенство (ЕП) за мажи годинава, па така, први носители се репрезентациите на Србија, Германија, Франција и на Шпанија. Тие селекции се од второто до петтото место на најновата ранг-листа на ФИБА, Србија е светски вицешампион од 2023 година и освојувач на олимписка бронза од лани, Германија е светски првак од 2023 година, Франција е олимписки вицешампион од минатата година, а Шпанија е актуелен европски првак, по победата на ЕП во 2022 година.
На 42-то ЕП ќе настапат вкупно 24 селекции, 20 што се пласираа преку квалификациите и четири како домаќини на шампионатот (Кипар, Финска, Полска и Летонија). Дебитант на европските првенства е Кипар, а Летонија, Исланд, Португалија и Шведска ќе го имаат своето враќање на Евробаскетот, пишува ФИБА.
Репрезентациите ќе ги дознаат своите противници на 27 март, за кога е закажана ждрепката во Рига (Летонија). ЕП 2025 треба да се одржи од 27 август до 14 септември, групната фаза ќе се игра во градовите Лимасол, Тампере, Катовице и Рига, а завршната фаза ќе се игра во главниот град на Летонија, Рига, пишува ФИБА. Н.М.

СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1: Србија, Германија, Франција, Шпанија
2: Летонија, Литванија, Словенија, Грција
3: Италија, Црна Гора, Полска, Чешка
4: Финска, Грузија, Турција, Израел
5: Белгија, БиХ, Естонија, Велика Британија
6: Шведска, Исланд, Португалија, Кипар

Извор: ФИБА


ФУДБАЛ

Баерн, Реал Мадрид и Барселона тргнуваат по тројна круна

Фудбалските екипи на Баерн, Реал Мадрид и на Барселона сезонава може да освојат тројна круна, откако се во конкуренција за трофеите во Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи, жени и за младинци. Во трка за двојна круна, пак, се Арсенал, Интер, Атлетико Мадрид и Астон вила.
Во Лигата на шампионите за сениори, Баерн во осминафиналето се среќава со Баер, во ЛШ за сениорки во четврт-финалето со Лион, а во осминафиналето во младинска конкуренција ќе игра со Интер. Во тие три категории ривали на Реал Мадрид се Атлетико Мадрид, Арсенал, односно АЗ, а тимовите на Барселона за ривали ги имаат Бенфика, Волфсбург, односно Астон вила. Реал Мадрид е актуелен европски првак во ЛШ за мажи, а Барселона во Лигата на шампионите за жени.
Осминафиналето на ЛШ за мажи и за младинци се игра неделава (младинците играат еден натпревар, за сениорите реваншите се идната недела), а четврт-финалето на Лигата на шампионите за фудбалерки на програмата е од 18 до 26 март.
Тимови на Интер, Атлетико Мадрид и на Астон вила, пак, играат во Лигата на шампионите за мажи и за младинци, а на Арсенал во ЛШ за мажи и за жени. Н.М.


Спортисти масовно враќаат олимписки медали освоени во Париз

Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година завршија што се однесува до натпреварите, но деновиве „продолжуваат“ со вистински скандал, пишува српскиот дневен весник „Новости“. Откако руската новинска агенција „РИА новости“ објави за олимписките медали во Париз, спортистите масовно ги враќаат, а изданието „Летр“ пренесува дека освојувачите на медали од Игрите во Париз вратиле повеќе од стотина оштетени медали, пишува „Новости“ на својата интернет-страница.
Спортистите, исто така, на интернет го критикуваа квалитетот на наградите, меѓу нив и бронзата на францускиот пливач Секи. Во париската ковачница, каде што се произведени медалите, критиките предизвикаа загриженост, па институцијата смени тројца директори за производство и квалитет, напиша гореспоменатата агенција во почетокот на 2025 година, пренесе „Новости“.
Според агенцијата „Франс прес“, во париската ковачница досега се вратени дури 220 медали со барање да се заменат.
– Тоа е 4,5 отсто од сите доделени медали – пренесува гореспоменатата француска новинска агенција, пишува „Новости“. Н.М.