
Џудо-федерацијата на Македонија покажува голема амбиција и посветеност на растот на нашиот спорт. Со вистинска поддршка и иницијативи, не се сомневам дека ќе постигнат значителни пресвртници, изјави д-р Славиша Брадиќ, главен комесар за ката на ЕЏУ. „ЏФМ е сѐ поактивна во промовирањето на спортот во различни сектори. Беа разгледани неколку клучни теми, меѓу кои и идните иницијативи на Федерацијата во соработка со ЕЏУ, Министерството за образование, Министерството за внатрешни работи и локалните административни тела“, пишува ЕЏУ на својата интернет-страница
ПО ПОСЕТАТА НА ЧЕЛНИ ЛУЃЕ НА ЕВРОПСКАТА ЏУДО-УНИЈА ВО МАКЕДОНИЈА
Во текот на изминатите денови, по препорака на д-р Ласло Тот, кој е претседател на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) ја посети д-р Славиша Брадиќ, главен комесар за ката на ЕЏУ, а посетата беше обележана со низа состаноци насочени кон зајакнување на работењето на националната џудо-федерација и унапредување на развојот на спортот во земјата.
– ЏФМ е сѐ поактивна во промовирањето на спортот во различни сектори. За време на дискусиите беа разгледани неколку клучни теми, меѓу кои и идните иницијативи на Федерацијата во соработка со Европската џудо-унија, Министерството за образование, Министерството за внатрешни работи и локалните административни тела. Меѓу проектите за кои се дискутираше беа „Џудо за полиција“, „Џудо во училишта“ и „Ката за сите“, чија цел е да ги прошират досегот и влијанието на џудото низ целата нација – пишува ЕЏУ на својата интернет-страница.
Европската џудо-унија се осврна и на средбата со челните луѓе на Џудо-федерацијата на Македонија.
– Владимир Трпаноски, претседателот на ЏФМ, и Горан Мицкоски, стручниот соработник на ЏФМ, изразија силна посветеност за унапредување на растот на џудото и воспоставување услови за постигнување врвни натпреварувачки резултати. За поддршка на оваа визија се разговараше и со г. Борче Јовчески, градоначалникот на Прилеп, кој вети дека ќе помогне во решавањето на суштинската потреба, формирање посветено доџо – пишува Европската џудо-унија.
Друг значаен момент што се напоменува во текстот на ЕЏУ по посетата на ЏФМ беше промоцијата на биографијата на 75-годишниот џудист Киро Здравески, кој во објавена книга го бележи своето извонредно животно патување. На настанот присуствуваа водечки членови на ЏФМ, градоначалникот на Прилеп и претставници од џудо-заедницата, вклучувајќи го и џудо-клубот Сеишин од Прилеп.
Македонија се подготвува за динамично лето, оти е домаќин на големи натпреварувања, како Европското првенство за кадети и Летниот европски младински олимписки фестивал.
– Работата во ЏФМ е евидентна, таа покажува голема амбиција и посветеност на растот на нашиот спорт. Со вистинска поддршка и иницијативи, не се сомневам дека ќе се постигнат значителни пресвртници. Соработката помеѓу Европската џудо-унија и националните институции ќе биде од голема важност за овој напредок. Дополнително, секогаш е задоволство да се видат земји што инвестираат во џудо-проекти што го надминуваат нивото за високи перформанси. Иницијативата „Ката за сите“, на пример, е една од најголемите сили за секоја федерација – изјави Брадиќ, пренесе Европската џудо-унија. Г.И.