Илустрација: „Нова Македонија“

Енергетичарите велат дека когенеративните централи се многу поприфатливи во однос на влијанието врз околината во споредба со, на пример, блоковите од РЕК „Битола“ на јаглен или од ТЕЦ „Неготино“ на мазут. Во продуктите од согорувањето на постројките со комбиниран циклус на природен гас нема сулфур диоксид и честици, а азотните оксиди се сведени на прифатливо ниво, во границите дозволени со европските норми

Енергијата го движи светот, а земјите што имаат независни енергетски ресурси се во предност пред сите други бидејќи можат да обезбедат евтини енергенти за своите граѓани, со што ќе придонесат за нивен повисок стандард, како и пониска цена на електричната енергија за стопанството, правејќи го многу поконкурентно пред другите.
Она што последните години исплива на површина, особено во екот на енергетската криза, беше констатација дека Македонија како држава воопшто не инвестирала во самостојни енергетски капацитети, туку зависи исклучиво од дотраените домашни капацитети и увозот на скапа електрична енергија. Тоа се одрази врз стандардот на граѓаните, но генерално и врз стопанството, кое мораше да плаќа поскапа струја за производните процеси и на тој начин македонската економија беше доведена во позиција да не биде конкурентна.
Дополнително, лошата енергетска кондиција влијаеше и врз загадувањето на воздухот бидејќи земјава веќе три децении не успева да ги истисне огревното дрво и другите нееколошки енергенти на сметка на природниот гас од домаќинствата, со што загревањето на домовите уште одамна ќе се трансформираше со многу поеколошки модел.
Иако со години се најавуваа инвестиции во енергетиката, вистински пробив никогаш не се случи, туку потребите за енергија за граѓаните и стопанството се надоместуваа со разни козметички зафати како субвенционирање на сметките, добивање енергија од природни извори како сонцето и ветерот, за на крајот да се констатира дека сето тоа не е доволно и дава резултати само на краток рок.

Државата има капацитет сама да изгради когенеративни централи

Од тие причини новата влада, слушајќи ги препораките и сугестиите на домашните енергетски експерти, се насочи кон изградба на домашни енергетски капацитети, кои во исто време би обезбедиле евтино производство на електрична енергија од една страна, како и евтино и еколошко затоплување на домовите на граѓаните од друга страна. Единствен начин да се обезбеди ваков двоен бенефит е изградбата на когенеративни гасни централи што го користат гасот за производство на електрична енергија, а нуспроизводот од овој процес, односно топлата вода, ќе се искористи за загревање на домовите.
– Разговараме за изградба на когенеративни гасни централи со капацитет од 500 MW, кои ќе произведуваат 4,1 TWh електрична и 720 GWh топлинска енергија годишно. Ова е единственото трајно решение за загадениот воздух, сѐ друго е само ставање на проблемот под тепих. Проектот вклучува и изградба на секундарна гасоводна и топловодна мрежа, со приклучоци за домаќинствата по цена од 0 денари, а природниот гас ќе биде значително поевтин од цените на берзите. Инвестицијата е проценета на над една милијарда евра и претставува клучен чекор кон зацврстување на нашата енергетска независност и сувереност.
Ова не е само проект за енергија, туку стратегија за иднината на Македонија, за поздрава животна средина, посилна економија и поголема стабилност – порача премиерот Христијан Мицкоски, обелоденувајќи дека се разговара за инвестиција од една милијарда евра со „Казанчи холдинг“, која преку нејзините енергетски компании што работат под брендот „Акса“ е еден од најголемите гиганти во енергетската област.
Во случајов станува збор за „АКСА енерџи“, која со повеќе од 25 години искуство е водечка турска компанија во енергетскиот сектор и клучен глобален инвеститор во одржлива енергија. Компанијата располага со инсталиран капацитет од над 3.500 MW во осум земји, а мнозинскиот сопственик на „АКСА енерџи“, „Казанчи Холдинг“, работи во 22 земји на четири континенти.
Според македонскиот премиер, инвестициите во ова поле се гаранција и зацврстување на нашата енергетска независност, која во 21 век е всушност и зацврстување на сувереноста на државата во нејзиното одлучување и водење политика.

Повеќекратен бенефит – евтина струја, евтино затоплување, помалку загаден воздух

Повеќето домашни експерти од областа на енергетиката подолг период апелираат државата да почне сама да гради енергетски капацитети наместо да ги дава под концесија на странски држави и на тој начин да си ја загрозува енергетската сувереност, но и да дозволува некој друг да ги користи нејзините ресурси за производство на енергија и од тоа да профитира. Едно од решенијата што државата може да ги понесе врз сопствени плеќи е изградба на когенеративните централи.
Енергетичарите велат дека когенеративните централи се многу поприфатливи во однос на влијанието врз околината во споредба со, на пример, блоковите од РЕК „Битола“ на јаглен или од ТЕЦ „Неготино“ на мазут. Во продуктите од согорувањето на постројките со комбиниран циклус на природен гас нема сулфур диоксид, честици, а азотните оксиди се сведени на прифатливо ниво, во границите дозволени со европските норми.
Професорот Константин Димитров во повеќе наврати за „Нова Македонија“ ја истакна изградбата на когенеративните централи како исклучително важен чекор со кој компаниите ќе добијат поевтина домашна електрична енергија, а граѓаните топлина.
Според него, Македонија има капацитет да изгради три или повеќе когенеративни централи, со кои граѓаните ќе добијат за 35 отсто поевтина струја и за околу 40 отсто поевтино парно греење, со што ќе се намали употребата на дрва за греење на домаќинствата, а со тоа и загадувањето на воздухот во Скопје и во другите градови.
– Потребите за електрична енергија (потрошувачката) во Македонија се на ниво од 7.300 до 7.800 GWh/y, од кои од 1.500 до 3.000 GWh, во зависност од годината, треба да се увезат/купат. Тоа значи дека недостига енергија еднаква на производството од два блока по 200 MW (два блока во РЕК „Битола“). Логичен чекор би бил да изградиме сопствени капацитети со кои ќе ги задоволиме во целост потребите за електрична енергија во Македонија. Како брзо решение е изградбата на две когенеративни централи од по 200 MW. Претходно треба целосно да се стави во функција гасоводот до Битола. Алтернатива е изградба на системот хидроцентрали на Црна Река. Тој зафат во принцип трае подолго време во споредба со когенеративните постројки – оценува Димитров.
И другите експерти во оваа област се согласни дека решението е во изградбата на когенеративни централи, а тоа се потврдило и со работењето на когенеративната централа во Скопје.
– Со цел зајакнување на базниот електроенергетски сектор за производство на електрична енергија, треба веднаш да се започне со изградба на четири гаснокогенеративни централи во Битола, Неготино, Тетово и во Скопје, како еден државен стратегиски проект од највисока важност под капата на ЕСМ, а како инвеститор да се јави државата Македонија. Овој национален стратегиски проект треба да биде замислен како обединувачки на сите граѓани во Македонија, а по изградбата, овие четири објекти да ги стопанисува ЕСМ, со цел да покажеме дека денес и можеме и знаеме и сакаме да реализираме проекти за изградба на енергетски објекти, за кои имаме одлични примери во изминатите седумдесетина години преку изградба на голем број наши хидро и термоцентрали – посочуваат експертите.