Пратеничката Славјанка Петровска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска влегоа во конфликт на пратенички прашања во Собранието. Вербалниот судир меѓу нив започна на темата околу потрошувачката кошничка и начинот на кој таа се пресметува и после изјавата на министерката дека таа не купувала грашок во конзерва и не сфаќа зошто таква храна е ставена во потрошувачка кошничка за 4-члено семејство во која има и 13 литри млеко.
-Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа – се обрати Петровска до министерката, во склоп на традиционалниот демократски инструмент за пратенички прашања, во Собранието.
На ова реплицираше Димитриеска-Кочоска која и порача на Петровска дека дури не може да ѝ каже дека таа е почитувана за неа.
-Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. За грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме, па во најевтините маркети купувам замрзнат грашок – рече министерката од собраниската говорница.
Пратеничката Петровска и порача на министерката дека „ако имаше дно, вие го пробивте“. За неа ова биле неумесни коментари.
Веднаш стигна реакција од Форумот на жени на СДСМ кој ја осуди изјавата на министерката Кочовска нарекувајќи ја срамна, навредувачка и дискриминаторска и најдолен настан во Собранието.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, ја осуди денешната изјава на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, упатена кон пратеничката од СДСМ, Славјанка Петорвска. Филипче нагласи дека изјавата на министерката Кочоска е дрска, понижувачка, со лични дискредитации што е својствено за ВМРО ДПМНЕ.
-Шокиран сум од денешната навреда што министерката за финансии, Кочовска, ја упати кон пратеничката Славјанка Петровска. Нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца ме згрози. Наместо аргументи и дебата во Собранието, сведочиме на лични дискредитации што е добро познат начин на одбрана на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога се соочени со критика, нивниот одговор не е дебата, туку омаловажување. Жалам што Славјанка повторно е мета на напади. Не така одамна беше жртва на дискредитации и лаги од страна на пратеникот Ковачки. Но, Славјанка е силна жена и врвен професионалец, човек кој секогаш се однесува со почит кон сите – за разлика од оние што ја напаѓаат.Ова не е само напад врз Славјанка – ова е напад врз сите жени- напиша на својот Фејсбук-профил Филипче.
-Јавноста одамна се умори од постојаните обиди на Славица Петровска да се претставува како жртва секогаш кога ќе биде повикана на одговорност. Наместо да даде конкретни аргументи и да се соочи со реалноста, таа секој пат користи истата стара тактика – глуми нападната и го пренасочува фокусот од суштинските прашања – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека последниот случај е уште еден доказ за ова.
– Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, зборуваше за реалните трошоци на едно четиричлено семејство, нешто што сите граѓани го чувствуваат на своја кожа. Но, наместо аргументирана дебата, Петровска повторно избра да игра на картата на жртвата, надевајќи се дека така ќе ги избегне суштинските теми. Граѓаните заслужуваат одговори, а не лажна емпатија и театралност. Време е Петровска да престане со оваа политичка манипулација и конечно да понуди нешто повеќе од лични повреди и празни фрази – велат од партијата.
Гордана Димитриеска-Кочоска изрази жалење за контекстот произлезен од нејзината реплика
„Ја разбирам хистеријата која СДС и нивните ботови ја шират околу мојот политички дуел во сообранието со Славјанка Петровска. Замислете да не беа овие квалификации, редица навреди и лажни обвинувања што ги упатуваат кон мене која сум исто жена, што друго ќе се паметеше од денешната седница. Има луѓе на оваа политичка сцена кои ќе се паметат по безмилосните удари и самопроведувања од пајак возила, како и луѓе кои освен тоа што биле маши и папет кукли на вождот од Струмица се познати по запалени модуларни болници, во ист ден кога нивниот уличен пајташ Сокол се најде зад решетките од кои како директор заработувал пари…. но има и луѓе чии настапи ќе се паметат по глумење жртви, секогаш кога нема да можат да се носат со аргументите“, напиша Димитриеска-Кочоска.
„Ноторен факт е дека Петровска изгради кариера од глумење жртва. Редицата причини за сожалување е долга. Секој нејзин настап е запаметен по тоа што по секој дуел се претставуваше како жртва за нешто. Но од друга страна денешната изведба на преставата жртва беше од истата говорница од која безочно напаѓаше и говореше за таткото на еден министер колега, или пак за синот на премиерот, иако и двајцата не се поврзани во никаков политички контекст. Таа госпоѓа немаше ниту мака иронично да се однесува, навредува, дофрла од место, а во моментот кога ќе се одговори нешто, тогаш таа прераснува во жртва.
Што се однесува до моите зборови кон Славјанка Петровска која лично како жена сум ја бранела кога многу други ја напаѓале, беа извадени од контекст и се толкувани како лична навреда.
Никогаш немав и ќе немам намера да ја навредам лично, ниту, пак, да ја сведам дебатата на личен контекст. Јас сум личност од која никогаш нема да слушнете лични навреди, и жалам што дел од јавноста е манипулирана во тој контекст, и жалам што погрешно беа разбрани моите зборови.
Она што сакав да потенцирам беше дека почитта треба да се заслужи со дела и одговорност. Госпоѓата Петровска, освен што стана позната по низа политички гафови и неумесни постапки, беше и доследен поддржувач на политиките на СДСМ и ДУИ – политики кои ја доведоа државата до оваа состојба.
Да потсетам, во времето кога госпоѓата Петровска беше министер, инфлацијата растеше, а не видовме ниту еден конкретен предлог од нејзина страна за подобрување на економската ситуација. Тогаш, кога беше на функција, тоа не ѝ пречеше, но денес зборуваме за состојба што е директна последица на тие политики. Државата беше доведена до работ на банкрот, стотици илјади граѓани се иселија во потрага по подобар живот, а над 600 илјади луѓе живееја во сиромаштија.
Сето ова не сакаат да се слушне гласно, затоа Славјанка глуми жртва“, стои во Фејсбук објавата на министерката Димитриеска-Кочоска.
Петровска: Намерата на Кочовска беше да бидам омаловажена
Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24 истакна дека денеска во парламентот упати прашање, зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржаа законот за намалување на патните трошоци, на кое не доби одговор.
-Јас добив навреда, но не ја примив навредата, дали беше намерата да бидам навредена и омаловажена затоа што немам деца и немам семејство, апсолутно да. Реакциите кои следуваа на јавноста не само на СДСМ по ова е тоа што всушност го вознемири ВМРО-ДПМНЕ, затоа што видоа дека отиде работата предалеку – нагласи Петровска.
-Наместо тоа мене вака ми се обрати министерката: „Не можам да кажам, почитувана“. Дали јас со нешто ја навредив. НЕ. „За да кажам почитувана мора да ја заслужите мојата почит“, НЕ. Во диктатура е така, во демократија е обратно, министрите се тие кои ја бараат почитта од пратениците, без разлика од која партија доаѓаат. „Врз основа на тоа што вие во уста ги ставате мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина“. – на што алудира ова ако не на потценување и обид да ме дискредитира, да ме дискриминира заради тоа што јас немам деца. Тоа е моја лична состојба, мојот личен статус и тоа дали сум сама, дали имам семејство или имам деца е мое лично прашање. Зошто е тоа така знам јас и судбината. Јас жалам што еве веќе 15-тина минути дискутираме за нешто што денеска се случи во парламентот – истакна пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
-Да бевме нормална држава, во којашто постоеше одговорност и во којашто се знаеше редот, кој поставува прашања во парламентот и кој кого повикува на одговорност јас очекував дека досега ќе имавме оставка од министерката – порача пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во емисијата „24 Анализа“.