По 33. пат викендов од група граѓани, традиционално беше посетен локалитетот Ѓурѓејца, ледина помеѓу селата Карбуница и Кладник, Кичевско, каде што беше испишана една од најсветлите страници од илинденската епопеја и извојувана една од ретките и блескави победи на Илинденците.
Традиција и годинава не изостана и од страна на почитувачите на Илинден беше посетен локалитетот Ѓурѓејца, каде присутните најпрво положија букети свежо цвеќе пред спомен-обележјето, што пред неколку години сами го изградија, а потоа испееја и неколку патриотски песни.
– Полни 33 години во последниот викенд од февруари реализираме посета на спомен-обележјето во месноста Ѓурѓејца – Кичевско, каде голем број патриоти ги положиле животите во прочуената битка и една од најблескавите победи во времето на Илинден. Посетата ја започнуваме со поклонение пред спомен-обележјето што сами го изградивме во чест на титаните, каде според големината на историскиот настан што тука се одиграл, треба да се изгради достоинствен споменик од страна на државата како што тоа го заслужуваат нашите Илинденци, кои тука ги положиле животите. На крај си ветивме и догодина да бидеме на ова место независно од временската ситуација, бидејќи низ годините ниту снежни непогоди, ниту мраз и ниски температури не можеа да нѐ откажат да го посетиме ова за нас култно место – вели Александар Кочоски, еден од ветераните кој непрекинато во последниот викенд од февруари е на ова место.
З.А.