Израелските власти утрово соопштија дека го одложуваат ослободувањето на повеќе од 600 палестински затвореници како дел од размената со Хамас додека не добијат гаранции дека ќе бидат прекинати „понижувачките церемонии“ што Хамас ги одржува при предавањето на заложниците, пишува „Тајмс оф Израел“.
– Во услови на повеќекратни прекршувања на Хамас – вклучително и церемониите кои го понижуваат достоинството на нашите заложници и циничното користење на нашите заложници во пропагандни цели – одлучено е да се одложи ослободувањето на терористите, што беше планирано за вчера, додека не се гарантира следното ослободување на заложниците, и без понижувачки церемонии – изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во соопштение објавено денеска.
Изјавата на кабинетот на Нетанјаху беше објавена откако, наводно, над 600 затвореници веќе се качиле во автобуси за да го напуштат затворот Офер, што требаше да биде најголемото еднодневно ослободување од првата фаза од тековниот прекин на огнот во Газа. Наместо тоа, на затворениците им било кажано да се симнат, а нивното ослободување е одложено на неодредено време.