Манифестацијата со традиција долга над 20 години е во организација на уметникот и хуманист Живко Поповски-Цветин

ПРОДОЛЖУВА ТРАДИЦИЈАТА НА ДЕБАРМААЛСКИТЕ СРЕДБИ И СЕРЕНАДИ

Дружба исполнета со поезија и со музика, крунисана со испраќање порака за мир и љубов, се одржа минатата недела во рамките на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“ по повод верскиот празник Свети Трифун, кој се смета за заштитник на лозарите и винарите, и Свети Валентин – меѓународниот ден на вљубените. Оваа манифестација со традиција долга над 20 години е во организација на уметникот и хуманист Живко Поповски-Цветин.
– Серенадите служат за потсетување на постарите, а младите да ги прифатат песните низ забава и дружба. Преку веселбата да се потсетиме на песните, поезијата, пријателите и на тој начин да создаваме нови пријателства, да ги шириме љубовта и позитивната енергија не само овде туку и пошироко, во целиот град и целиот свет – изјави своевремено Живко Поповски-Цветин.
Настанот традиционално почна со закројување на лозницата во кафеаната „Кај Жабарот“, кое го изведоа Живко Поповски-Цветин и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со ученици од скопското основно училиште „Гоце Делчев“. Тие потоа заедно во шише ја испратија пораката за мир да плови по Вардар, при што пуштија и балони што се вивнаа кон небото.
Поповски ја искористи свечената пригода за да им додели Цветинови награди за мир на долгогодишни поддржувачи во неговата мироносна мисија – на Ленче Чолаковска, предводничка на ансамблот за песни и ора „Вања Лазарова“, естрадните уметници Верица Ристевска и Љупчо Ангеловски, како и на Вики Среброва и на Тања Стоилковска од хорот „Серенада“, од која за возврат доби икона од Свети Трифун.


Присутните потоа со серенади се упатија низ градскиот парк до познатата Боемска улица во Дебар Маало, каде што беа почестени со сортно бело и црвено вино. А во ресторанот „Антица“ беше промовирана и книгата „Домот на љубовта“ на поетесата Анита Бошкова, при што беше читана поезија од познати автори.
По прошетката, која опфати застанување во неколку ресторани, следуваше интересен ритуал, кога Тања Стоилковска од својот балкон фрлаше балони во кои се наоѓаа цветови и монети. Се смета дека оние што фатија балон со цвет треба да се вљубат, а оние што стигнаа до балон со монета, треба да стапат во брак, односно сите нив да ги следи среќа во текот на годинава.
Потоа учесниците на манифестацијата кршеа т.н. „погача на љубовта“ пред пекарницата „Силбо“, за на крајот да се засладат во слаткарницата „Апче“ за, како што велат, „животот да им биде сладок“.
На „Дебармаалските средби и серенади“ традиционално учествуваат голем број музичари, пејачи и изведувачи. Н.М.