Со предвиденото завршување на постапката за измена на Законот за локална самоуправа

Целата постапка за измена на Законот за локална самоуправа да заврши до лето очекува министерот за локална самоуправа Златко Перински, со што новите кандидати за градоначалници во ноември годинава ќе бидат избрани по новото законско решение, со кое ќе биде предвидена можноста за референдумско отповикување градоначалник, воведување комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.
Министерот нагласи дека очекува со процесот на подготовка на предлог-измените да завршат околу 30 март и веднаш потоа да се усвојат на владина седница и да влезат во собраниска процедура. Тој потенцира дека измените не можат да важат ретроградно, што значи дека не може да биде отповикан ниту еден од актуелните градоначалници, и додаде дека не може да се менуваат закони во согласност со персоналните решенија.
– Новиот закон што ќе го донесеме ќе ги опфати новите градоначалници, кои ќе ги добијат своите мандати по ноември. Убеден сум дека веќе сме подготвени да прејдеме во следната фаза, а тоа е креирање на предлог-измените за Законот за локална самоуправа и да ги доставиме до Собранието на дополнителни консултации со сите парламентарни политички партии за да влеземе во фазата на усвојување на предлог-измените – изјави Перински пред почетокот на последната од четирите предвидени консултативни средби за измена на Законот за локална самоуправа, која вчера се одржа во Скопје.
Професорот Александар Спасеноски од Правниот факултет во Скопје, кој е експерт на ова поле, истакна дека во изминатите неколку месеци се реализирале неколку фази за да се донесе најдобро и најсоодветно законско решение за менување и дополнување на Законот за локална самоуправа. Н.М.