Фото: Министерство за локална самоуправа

Објавен е вториот јавен повик на кој општините може да аплицираат за добивање финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти. Може да аплицираат сите општини за добивање на финансиски средства до 15 милијарди денари за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието.

Право на учество имаат општините и општини на градот Скопје. Може да се аплицира со еден или повеќе инфраструктурни проекти. Апликативните формулари треба да се достават до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства најдоцна до 30 април.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата рече дека овој јавен повик е креиран согласно барањата на градоначалниците и во него има поволни услови. Очекува да се искористат планираните средства затоа што, вели, општините имаат инфраструктурни проблеми.

– Новина е продолжувањето на рокот за апликација до 30 април, а олеснителна околност има и во делот на обезбедувањето на потребната документација која е неопходна за отпочнување на јавната набавка. Тоа е со цел да им се помогне на општините и да им се даде простор потребната документација да ја дообезбедат додека трае постапката. Овие се две новини на барања на градоначалниците – рече Перински.

Целта на јавниот повик е да се доделат средства за проекти што ќе придонесат за значајно унапредување на инфраструктурата во општините со директен позитивен импакт врз економскиот раст и квалитетот на живот на граѓаните.

– Со реализацијата на овие проекти, очекуваме значајни подобрувања во секојдневието на нашите граѓани, зголемување на економската активност, како и унапредување на инфраструктурните капацитети на самите општини ширум државата – истакна Перински.

Распределбата на средствата ќе се врши врз основа на два критериума – резидентното население во општината согласно последниот Попис и комплетна проектна документација потребни за отпочнување на јавната набавка.

Овој втор јавен повик, според Перински, е продолжение на првиот јавен повик кој, како што рече, веќе дава резултати на терен. Најголем интерес во првиот повик имало за реализација на проекти од патната инфраструктура.

Тој спомна и некои од проектите што добија средства по првиот повик.

– Изградба на детска градинка во Инџиково и спортска сала во основното училиште во Црешево во општина Гази Баба. Реконструкција на втора фаза на спортската сала „Работнички“ во општина Центар. Уредување и заштита на речно корито на Серава, општина Бутел. Изградба на водоводна и атмосферска мрежа во населба „Дижонска“, општина Чаир. Реконструкција на Стара чаршија, општина Гевгелија. Во општина Аеродром, санација на јавната површина позади трговскиот центар „Капитол“ – додаде министерот.

Перински во овие јавни проекти не гледа предизборен поткуп затоа што, вели, на јавните повици може да аплицираат и да добијат средства сите градоначалници без разлика на нивната политичка припадност.