На 14 февруари, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини. Диригент на претставата е Бисера Чадловска, режијата ја потпишува Александар Текелиев од Бугарија. Сценографијата е дело на Живојин Трајановиќ, а костимографијата ја изработи Лира Грабул. Концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Во насловната улога ќе настапи Сандра Митровска, во улогата на Пинкертон ќе настапи Зоран Сотиров, а Марјан Јованоски во улогата на Шарплес, додека во другите улоги ќе настапат: Марика Поповиќ, Дејан Стоев, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Калин Бајевски, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамадан, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Мадам Батерфлај“ е една од најемотивните и најпознати опери во светската оперска литература. Пучини вешто ги спојува елементите на западната и источната култура, создавајќи неверојатно силни и драматични музички моменти што допираат до срцето на секој слушател.
„Ако не сум трогнат, ако либретото не ми го допре срцето…, тогаш тоа не е за мене“, рекол Пучини, кој точно знаел што бара во едно оперско либрето, а фактот што приказната за деликатната јапонска „пеперутка“ длабоко го трогнала се огледува во секоја нота од партитурата на неговата славна опера.