Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери упати честитка до членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква и до сите припадници на православната вера по повод 8 Декември, празникот на свети Климент Охридски.
Знаењето, просветувањето и просветлувањето на умот, стои во честитката, биле водилка за свети Климент Охридски кој работел неуморно на продолжувањето на мисијата на светите Кирил и Методиј, во создавањето на Охридската книжевна школа и Охридската Архиепископија, а не помалку вредна за чествување е и неговата преведувачка дејност.
– Тој верувал дека само така може да го изрази своето човекољубие и да даде придонес во облагородувањето на човештвото. Почитувани граѓани, Ви посакувам убав празничен ден, исполнет со душевен мир и семејна топлина, со верба и надеж дека сите знаеме како меѓусебно да се почитуваме, сакаме и можеме да бидеме подобри луѓе, вредни граѓани на заедницата и одличен пример за регионот и светот – се наведува во честитката на Џафери.