Салите за операции на Клиничкиот центар беа затворени во мај минатата година, но од вчера, компресорската станица за хируршките клиники во комплексот клиники „Мајка Тереза“ официјално беше пуштена во употреба

Пуштена во употреба компресорската станица за хируршките клиники

Компресорската станица за хируршките клиники во комплексот клиники „Мајка Тереза“, вчера официјално беше пуштена во употреба. Министерот за здравство Арбен Таравари изрази задоволство што, освен континуираните инвестирања во реновирања и опремувања во здравството, се решавале и долгогодишни наследени проблеми како овој со станицата. Тој истакна дека, за среќа, функционира и старата компресорска опрема, со што, како што нагласи, би се избегнале проблеми како минатогодишните. Во изјава за медиумите, Таравари ги наброја салите што ја користат оваа станица, нагласувајќи дека сите што ќе сакаат, ќе можат да се приклучат.
– Станицата веќе се користи, тестирана е и по сите стандарди. Има три нови компресори, комплетно нова инсталација. За среќа, тука е и стариот компресор што ќе стои како бекап, за да не ни се случи повторно проблем. Со новата компресорска станица се покриени сите 18 хируршки сали на хирургија, салите на оториноларингологија и офталмологија, максилофацијална хирургија – изјави Таравари.
Салите за операции на Клиничкиот центар беа затворени во мај минатата година поради непријатна миризба. За итни интервенции, пациентите се упатуваа во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември“. Компресорската станица, изградена пред околу 33 години, требалo да биде променета уште пред три години. Неработењето на оперативниот блок се сметаше за тежок удар врз Клиничкиот центар како столб на здравството. Н.М.