Фото: ЕПА

Патриоти за Европа, парламентарна група на десноориентирани европратеници, создадена во јули во Европскиот парламент, го одржа својот прв самит во шпанската престолнина викендов, поточно во саботата. Од унгарскиот премиер Виктор Орбан до Марин Ле Пен, сите го гледаат американскиот претседател како предвесник на идните победи на нивниот табор

Во Мадрид одржан првиот самит на европските суверенистички ориентирани партии

Форма на воодушевување и еуфорија владееше во аудиториумот на хотелот надвор од центарот на Мадрид, во близината на аеродромот, каде што околу десет лидери на европските суверенистички ориентирани партии се состанаа во саботата, на 8 февруари, на првиот самит на новата група Патриоти за Европа. Ова движење, создадено во Европскиот парламент во јули 2024 година околу партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан и Националниот собир (РН), обединува 86 европратеници, што сега го прави трета сила во Стразбур.

Избраниот слоган беше „Направи ја Европа повторно голема“

Избраниот слоган „Направи ја Европа повторно голема“ беше директна референца на „Направи ја Америка повторно голема“ (МАГА) на Доналд Трамп. И победата на републиканците во САД како да лебдеше во амбиентот на настанот.
– Во одреден момент треба да видите што се случува во светот денес: Милеи, Трамп, Орбан, Мелони, нашата австриска сојузничка партија е во водство, ние сме во водство, нашите фламански пријатели се во водство. Треба да го анализираме ова и верувам дека тоа е форма на преродба на која сме сведоци – изјави Марин Ле Пен, неколку минути пред големиот самит на кој присуствуваа речиси 2.000 лица.
На сцената, основачката на РН повика на „глобалниот пресврт“ имплициран од победата на Трамп за да „звучи будењето на Стариот Континент“.
– Овој предизвик на моќта е поттик за постоење во светот што доаѓа, во историјата што се пишува – заклучи Марин Ле Пен.
Во тој контекст беа и претставувањата на другите лидери. Тие го потврдија истото убедување не само дека се на вистинскиот пат да се врати традиционализмот туку и дека се дел од насоката на историјата.
– Торнадото Трамп го промени светот за две недели. Вчера ние бевме еретиците; денес сме мејнстрим. Луѓето мислеа дека го претставувавме минатото, денес сите гледаат дека ние сме иднината – истакна Виктор Орбан, откако ја дефинира Унгарија, која ја води петнаесет години, како „лабораторија на конзервативни политики“. Тој наведе дека „Унгарија ја забранила родовата пропаганда“ во училиштата, „таткото е маж или мајката е жена“, државата мора да ја брани христијанската култура.

Противење на таканаречената масовна имиграција, отфрлање на европскиот зелен договор, одбрана на националниот суверенитет или критика на вокизмот и глобализмот

За време на својот говор Холанѓанецот Герт Вилдерс, чија Партија за слобода беше прва на парламентарните избори во ноември 2024 година, ги истакна ставовите против „мултикултурализмот“ и „разбудената деменција“. Тој се осврна на реконквиста (Reconquista) – повторното освојување од страна на католиците на освоената Шпанија од страна на муслиманите и доаѓањето на „храбри шпански витези“, кои „први го отфрлија исламот и го вратија богатото наследство на христијанството во својата земја“.
Други, исто така правејќи паралела на нелегалните имиграции, а со тоа и инфилтрирање екстремистички елементи, се осврнаа на реконквиста, слоган што го прифатија и Матео Салвини и Марин Ле Пен.
– Ние Шпанците навистина сакаме да бидеме познати по овој извонреден гест на нашите предци, бидејќи бевме ѕид на Европа против напредокот на исламизмот. Подготвени сме повторно да бидеме тоа – изјавија некои од присутните, правејќи алузија на загрозеноста на радикалниот исламизам, кој во голема мера се инфилтрира во западните земји и беше причинител на многу инциденти.
Избран за претседател на паневропската партија во ноември, претседателот на Вокс ја напушти групата на европски конзервативци и реформисти на Џорџа Мелони во јули, официјално за да работи на создавање пошироко движење, откако доби заем од 6,5 милиони евра од унгарска банка што шпанските банки му го одбија.
Италијанскиот лидер и шефицата на италијанската извршна власт Џорџа Мелони се приврзаници на трампизмот како идеологија. Мелони има амбиција да се појави како привилегирана соговорничка на Доналд Трамп во Европа.
Во текот на непречените говори на различните европски лидери, и покрај нивните разлики, се појавија главни заеднички теми и опсесии: противење на таканаречената „масовна“ имиграција, отфрлање на европскиот зелен договор, одбрана на „националниот суверенитет“ или критика на „вокизмот“ и „глобализмот“.

На самитот не недостигаа референци за првите одлуки на Доналд Трамп

Парафразирајќи го американскиот лидер во неговиот став против трансродовите лица, лидерот на португалската партија Чега, Андре Вентура, објави дека „постојат само два пола: маж и жена“.
– овите технологии почнуваат да соработуваат со битката за слобода – рече Сантијаго Абаскал, во алузија на собирот на Илон Маск или Марк Закерберг до Доналд Трамп. И Салвини рече дека е дојдено време да се „испита“ Меѓународниот кривичен суд, неколку дена по одлуката на американскиот претседател да преземе санкции против судот.

На самитот во Мадрид истакнати улогата и целите на новата
група Патриоти за Европа

– Улогата на ова движење (Патриотите) е да генерира мнозинство за да го отфрли она што ние веруваме дека е штетно за европските народи – објасни Ле Пен на прашањето за разликите меѓу партиите што го формираат.
Таа смета дека приоритет е да се запре „ова лудило на зелениот договор, ова бесно лудило на зелениот договор што доведе до колапс на нашата индустрија“. – Зелениот договор е мртов. Тој не може ниту да се реформира ниту да се подобри – прогласи и поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш, фаворит на парламентарните избори што ќе се одржат есенва.
Пред хотелот, додека завршуваа говорите, како што пренесуваат известувачите, младите луѓе, насмеани, рекоа дека се „возбудени“.
-Тоа ми даде надеж за промена. За најважното, сите се согласуваме: христијанските вредности на семејството и слободата, националниот суверенитет и борбата против илегалната имиграција – велат тие.
Прославата ја наруши само залудниот обид на активистка на Фемен да влезе во салата. На голите гради го пренасочи и слоганот МАГА. На него пишуваше: „Направете ја Европа повторно антифашистичка“.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур