Татко ми Спиро Маказлиев секогаш ме поддржуваше и беше со мене на секое натпреварување. Сега токму неговото отсуство ме тера да работам повеќе, поинтензивно. Секогаш кога победувам, победувам за него, вели Паулина
Паулина Маказлиева живее во Велика Британија, но сонува да биде дел од македонската карате-репрезентација
Паулина Маказлиева утре, на 12 февруари, ќе наполни 18 години. Меѓу желбите што ќе си ги посака за роденденот, една од најголемите ќе биде во иднина да ја претставува Македонија на некој меѓународен натпревар во карате.
Оваа амбициозна, упорна девојка, која не се плаши од предизвици, со своето семејство живее во гратчето Кидерминстер, во близината на Бирмингем, Велика Британија. По потекло нејзините се од Струмица, град што и Паулина со радост го посетува еднаш годишно.
Таа по завршувањето на средното образование се запиша на правен факултет, но паралелно со учењето не ги запоставува ни физичките и спортски активности.
Младата спортистка досега, освен карате, тренирала и атлетика и гимнастика, и освоила многу награди. Инаку, карате тренира веќе четири години, а две се натпреварува.
– Тренирам четири пати неделно, а освен тоа одам и на фитнес, со цел да бидам уште поуспешна. Наскоро треба да полагам за црн појас, по што се надевам дека ќе си ја остварам големата желба да се натпреварувам за Македонија на некои светски натпревари во карате. За таа цел веќе остварив контакт со Македонската карате-федерација. Инаку на моите врсници овде со гордост им раскажувам за Македонија, за Струмица, од каде што потекнува моето семејство, за прекрасниот Охрид. Секоја година доаѓаме во Македонија со семејството, а освен во Струмица, каде што имаме блиски роднини, одиме и во Скопје, каде што живее тетка ми, во Охрид и на други места. Секаде е прекрасно, има многу сончеви денови, луѓето се пресретливи и многу срдечни– вели Паулина.
Според неа, во Велика Британија каратето сѐ уште не е толку популарно како фудбалот, но е во подем.
-Тренирам во карате-клуб наречен Млади ракавици (Young Gloves Karate) и се натпреварувам веќе три години. Освојувам први места на секој натпревар на кој учествувам. А најпрво почнав да се занимавам со каратето како хоби. Но, кога го загубив татко ми, станав порешителна од кога било. Тој секогаш ме поддржуваше и беше со мене на секое натпреварување. Сега токму неговото отсуство ме тера да работам повеќе, поинтензивно. Секогаш кога победувам, победувам за него. Се соочувам и со неуспеси и некои резултати не беа она што го посакував, но постојано се потсетувам на неговите зборови: „Направи го тоа сама, колку и да си скршена, исплашена и уморна“. Татко ми, Спиро Маказлиев, беше почитуван човек и сакам да постигнам сѐ што можам во негова чест, вклучувајќи и во оваа битка. Поминувам низ тешки моменти, но не се откажувам бидејќи знам дека треба да продолжам напред во животот, за себе и за чување на споменот на татко ми – ни рече таа.
Таа дополни дека што и да посакате во животот, бидете упорни и не откажувајте се на првата пречка.
– Моја желба е да продолжам да напредувам во каратето, да се натпреварувам на повеќе натпревари и да постигнувам успеси. Ќе бидам многу горда ако постигнам некоја победа и за Македонија. Ќе работам напорно, со многу љубов, а успесите што ќе ги постигнам ќе бидат знак дека сум на вистинската патека – вели Паулина Маказлиева.
М.Т.