Според првичните податоци, на овој спортски младински настан ќе има околу 900 натпреварувачи во осум спорта, а од Македонија ќе настапат Петар Гиноски во биатлон, Евгениј Ристевски и Ангела Ристевска во сноуборд и Виктор Чакаровски во нордиско скијање. Годинашниот Европски младински зимски олимписки фестивал се одржува во Грузија, а Македонија во јули ќе биде домаќин на 18-от Европски младински летен олимписки фестивал
ОД ВЧЕРА ДО НЕДЕЛА ВО БАКУРИАНИ (ГРУЗИЈА)
Петар Гиноски во биатлон, Евгениј Ристевски и Ангела Ристевска во сноуборд и Виктор Чакаровски во нордиско скијање се четворицата македонски претставници, кои, предводени од своите тренери и водството на патот, од вчера до недела ќе бидат дел од 17. Европски младински зимски олимписки фестивал, кој ќе се одржи во Бакуриани (Грузија). Според првичните податоци, на овој спортски младински настан ќе настапат околу 900 натпреварувачи во осум спорта, алпско скијање, биатлон, нордиско скијање, уметничко лизгање, слободно скијање, хокеј на мраз, брзо лизгање на кратки патеки и сноуборд.
– Биатлон почнав да тренирам на 12 години. Го сакам спортот, го сакам биатлонот и тој за мене е најдобриот зимски олимписки спорт. Во Бакуриани ќе дадам сѐ од себе и се надевам на добар резултат. Понатаму ќе се стремам кон уште повеќе добри резултати, кои можам да ги постигнам со напорна работа и желба – вели Гиноски, пренесе Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Гиноски е предводен од искусниот македонски долгогодишен тренер и селектор на македонските биатлонци и спортскиот директор на Биатлон-федерацијата на Македонија (БФМ), Ѓоко Динески.
– Гиноски настапува двапати во биатлон, денеска, поединечно, во трката на 12,5 км со четири пукања и в петок во дисциплината спринт на 7,5 км со две пукања. Во биатлон ќе настапат околу 70-80 во машка и околу 50-60 во женска конкуренција – појаснува Динески.
На минатиот ваков фестивал, во 2023 година, во Венеција (Италија), настапиле 1.252 спортисти од 47 држави. Следниот Европски младински зимски олимписки фестивал, во 2027 година, ќе се одржат во Брашов (Романија).
– Јас сум 15-годишен сноубордер што живее за адреналинот, брзината и за совршено изведените трикови. Сноуборд слопстајл и биг аир, тоа се мојот терен за докажување, предизвик и мојата најголема страст – рече Ристевски, пренесе МОК.
За Чакаровски нордиското скијање е начин на живот.
– За мене спортот не е само обврска туку начин на живот. Нордиското скијање ми претставува голема љубов во која секојдневно уживам, а снегот е секогаш причината што ми го разубавува денот – вели Чакаровски за МОК.
Ристевска е единствената македонска натпреварувачка што ќе настапи во Бакуриани.
– Пред сѐ, имам чест да се претставам лично, како и својата земја во дисциплините слопстајл и биг аир на олимпискиот фестивал, кој ги собира младите спортисти од цела Европа. Конкуренцијата ќе биде голема, знаејќи го фактот за постоење добри услови за тренинг во поголем дел од Европа за оваа дисциплина. Но досегашните кампови и мојата упорност, се надевам дека ќе дадат придонес во сѐ што сакам да постигнам. Ова за мене ќе биде, секако, голем чекор напред на мојот спортски пат – вели Ристевска, пренесе МОК.
Македонија во јули ќе биде домаќин на 18-от Европски младински летен олимписки фестивал, со речиси 35 години традиција под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), натпреварување што е врвен европски мултиспортски настан наменето за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години. Според најавите, во Скопје се очекува да настапат околу 4.000 учесници од 48 европски земји, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини (атлетика, бадминтон, баскет, кошарка, кану-слалом, велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг-понг, таеквондо, одбојка и артистичка гимнастика). Г.И.