НА ЕДНА ГОДИНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ИГРИТЕ
По повод одбележувањето една година до церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) вчера испрати официјални покани до националните олимписки комитети (НОК) и до нивните најдобри спортисти во зимските спортови, за учество на 25-те Зимски олимписки игри, кои ќе се одржат од 6 до 26 февруари 2026 година, пишува ИОК. На Игрите в година се очекува да учествуваат околу 2.900 спортисти од над 90 земји. ЗОИ 2026 ќе се одржуваат на 13 натпреварувачки места, во осум спорта (скијачкото планинарење ќе го има дебито на зимски олимписки игри), 16 олимписки дисциплини и 116 настани за медали (вклучувајќи осум нови), пишува ИОК. Околу 350.000 луѓе се регистрираа за првата фаза за купување влезници, а општата продажба ќе биде отворена во април. Н.М.