Се обновува ли трговската војна меѓу двете водечки економии во светот

Кина вчера воведе царини на американскиот увоз како инстантен одговор на новововедените американски царини за кинески стоки. За потсетување, дополнителните царини на Трамп од 10 отсто за сите кинески увози во САД стапија во сила во вторник, во 5.1 часот по Гринич (12.1 часот ЕТ). За само неколку минути, кинеското Министерство за финансии соопшти дека воведува царини од 15 отсто за американскиот јаглен, за ЛНГ (течен нафтен гас) и 10 отсто за сурова нафта, како и за земјоделска опрема и некои автомобили. Новите царини за американскиот извоз ќе започнат на 10 февруари, соопшти кинеското Министерство за финансии. Одделно, кинеското Министерство за трговија и Царинската управа соопштија дека „Кина воведува извозни контроли на волфрам, телуриум, рутениум, молибден и артикли поврзани со рутениум“ со цел „да ги заштити националните безбедносни интереси“.
Претседателот на САД во понеделникот во последен момент ја одложи својата одлука за царини од 25 отсто за Мексико и Канада, согласувајќи се на 30-дневно привремено суспендирање, во замена за отстапки за границата и контрола на криминалот со двете соседни земји. Но такво одложување немаше и за Кина. Портпаролот на Белата куќа рече дека Трамп нема да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг до крајот на тековнава недела.
За време на неговиот прв мандат во 2018 година, Трамп започна брутална двегодишна трговска војна со Кина поради нејзиниот огромен трговски суфицит со САД, со униформни тарифи за стоки во вредност од стотици милијарди долари, кои ги потресоа глобалните синџири на снабдување и ја оштетија светската економија. За да стави крај на таа трговска војна, Кина во 2020 година се согласи да троши дополнителни 200 милијарди долари годишно на американски стоки, но планот беше попречен поради пандемијата на ковид, па така, кинескиот годишен трговски дефицит се зголеми на 361 милијарда долари (извор: документи на Кинеската царина, објавени минатиот месец).
– Трговската војна е во рана фаза, така што веројатноста за дополнителни царини е голема – се вели во белешката на „Оксфорд економикс“.
За издвојување е дека во медиумите е присутна и информацијата дека „претседателот на САД предупредил дека може дополнително да ги зголеми царините за Кина доколку Пекинг не го запре протокот на фентанил (смртоносен опиоид) во САД“.
– Се надеваме дека Кина ќе престане да ни испраќа фентанил, а ако не, тарифите ќе бидат значително повисоки – рече Доналд Трамп во понеделникот.
На тоа Пекинг веднаш одговори дека „фентанилот е американски проблем“, додавајќи дека „ќе ги оспори тарифите во Светската трговска организација (СТО) и ќе преземе други контрамерки“. Сепак, Пекинг нагласи дека „ќе остави отворена врата за преговори“.