Швајцарците развиваат револуционерен систем
Многу центри за податоци во Европа често се критикувани поради количеството енергија што ја трошат. Швајцарскиот центар за податоци најави дека во иднина се планира користење рециклирана енергија за производство на топлина за домовите. Женевскиот „Инфоманиак“ рециклира 100 отсто од електричната енергија што ја користи од ноември 2024 година. Рециклираната енергија ќе може да ја снабдува централизираната мрежа за греење во кантонот Женева, од што ќе имаат корист околу 6.000 домаќинства.
Центарот моментално работи со 25 отсто од потенцијалниот капацитет. Целта е да достигне полн капацитет до 2028 година. Центарот за податоци се надева дека со ова ќе укаже на придобивките од ваквиот „зелен“ начин на работа во индустријата на електричната енергија.
„Инфоманиак“ има добиено неколку награди за енергетска ефикасност на своите комплекси, кои работат без клима-уред, што е реткост. Компанијата, исто така, гради инфраструктура под земја за да избегне влијание врз животната средина. Во „Инфоманиак“ целата електрична енергија што ја напојува опремата, како сервери, конвертори и вентилација, се претвора во топлина на температура од 40 до 45 степени. Потоа таа се канализира во разменувач на воздух/вода и се филтрира во колото за топла вода. Топлинските пумпи се користат за зголемување на температурата на 67 степени во лето и 85 степени во зима.
Кога центарот ќе работи со полн капацитет, ќе ја снабдува топлификациската мрежа на Женева со 1,7 мегават, што е доволно за напојување на 6.000 домаќинства годишно или тоа значи дека 20.000 луѓе ќе може да се тушираат по пет минути секој ден. Тоа значи дека кантонот Женева може да заштеди до 3.600 тони ЦО2 секоја година. Системот сместен во податочниот центар на „Инфоманиак“ може слободно да се репродуцира од други компании. Достапни се технички водич што објаснува како да се копира моделот и краток преглед за креаторите на политиките, кој советува како да се подобрат регулативите и одржливоста на дизајнот на центрите за податоци.