Второто место на еден од најстарите турнири во светот му припадна на Домарају Гукеш, а трет е Нодирбек Абдусаторов
РАДИЦИОНАЛЕН 87. ТУРНИР ВО ВАЈК АН ЗЕ
Индискиот велемајстор (ВМ) Рамешбабу Прагнананда (2.741 рејтинг-поени) е победник на годинашниот 87. турнир во Вајк ан Зе (Холандија), еден од најстарите во светот, познат и како Вимблдон во шахот, со што ја оствари својата прва победа.
Во драматичен финиш, светскиот шампион, Индиецот Домарају Гукеш (2.777), кој водеше во поголемиот дел од турнирот, загуби со бели фигури во последното 13-то коло од сонародникот Арјун Еригаиси (2.801), а пораз претрпе и Рамешбабу Прагнананда (2.695), по заемен недостиг од време за размислување од Германецот Винсент Кејмер (2.733). И двајцата дотогаш беа лидери со по 8,5 поени.
За одредување на победникот следуваше т.н. тајбрејк, со мечеви со брзо темпо на игра. Првата партија ја доби Гукеш, но ги загуби следните две, па така, Прагнананда славеше вкупно со 2-1. Оваа победа е голема пресвртница во кариерата на Прагнананда, дополнително зацврстувајќи го неговото место во шаховската елита, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Трет во регуларниот дел, како и лани, беше Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (рејтинг 2.768), кој можеше да ги стигне водечките двајца ако славеше во последното коло, но тој го подели поенот со ВМ од Индија, Пентала Харикришна (2.695). Табела, регуларен дел: Гукеш и Прагнананда по 8,5, Абдусаторов осум, Федосеев 7,5, Гири и Веи по седум, Харикришна 6,5, Каруана и Кејмер по шест, Еригаиси, Ван Форест и Сарана по 5,5, Мендонка пет, Вармердам 4,5 поени.
Лани на турнирот триумфира Кинезот Ји Веи, пред Гукеш, Холанѓанецот Аниш Гири и Абдусаторов. Сите имаа по 8,5 поени, но по тајбрејкот Веи беше прв. Најмногу пати (осум) досега на овој турнир славел поранешниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен.
На челинџер-турнирот, пак, во истиот град, триумфира Даи Ван Нгуен (Чешка, рејтинг 2.668), со 9,5 поени од 12 кола. Оваа победа му овозможи в година да игра на главниот турнир во Вајк ан Зе. Г.И.