Зборот сувенир, секогаш асоцира на убави, стари спомени, на нешто што не потсетува на младоста, на некои убави безгрижни времиња. Токму така беше и синоќа на концертната промоција на песната „Сувенир из Сарајева“ (Сувенир од Сараево), која заедно со видеоспотот пред присутните во еден скопски бар ја претставија членовите на групата „Бело Копче – трибјут Бијело дугме“.
Бендот кој веќе неколку години на публиката и ги враќа спомените на најголемите хитови на легендарната балканска група, предводен од познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и пејачот Зоран Рудан – Цеки, вчеравечер пред претставниците на медиумите, но и пред бројните гости и нивни почитувачи, по неодамнешното претставување на нивната прва авторска композиција во Сараево и своите скопјани ги запознаа со песната со која посакуваат да се пробијат и надвор од нашите граници.
Промоторот на настанот, познатиот македонски музички новинар и ТВ водител Антонио Димитриевски присутните ги запозна со деталите за првото авторско чедо на бендот и видеоспотот за него.
– Неодамна во Сараево, во ноќниот клуб „Слога“ , култното место каде што и самите „Бијело дугме“ го имале еден од своите први настапи, беше премиерно отсвирена песната „Сувернир из Сарајева“. Музиката е на хит-мејкерот Саша Драгиќ, текстот го напиша Владимир Митровиќ, а аранжманот го направи Стевче Грозданов. Песната е снимена во студиото „Целофан“ во Скопје, додека миксот и мастерингот се дело на Горан Гешовски. На песната совршено се надоврзува видеозапис во кој покрај членовите на бендот се појавува познатата македонска актерка Катерина Шехтанска, која исто така присуствуаше на промоцијата. Таа има улога на фотографка на групата. Видеото го потпишува познатиот македонски музичар и режисер на видеоспотови, Александар Ристовски Принц – рече Димитриевски.
Авторката нумера на „копчињата“ мелодиски потсетува на звукот на сараевскта музичка школа од средината на 1970-те, до крајот на 1980-те, кога на прочуениот босански рокененрол мирисаше целата екс ЈУ- сцена.
Поздравувајќи ги присутните гитаристот Стефче Гроздановски рече дека идејата за снимање на авторска нумера била на Саша Драгиќ.
– Песната ни се допадна и ние се потрудивме да дадеме максимум таа да звучи како што звучи, а сега останува да видиме како публиката сето тоа ќе го прифати – изјави тој.
Секако за квалитетот на изведбата придонесува и одличната интерпретација на Зоран Рудан-Цеки, кој во трибјут бендот ги пее песните на тројцата вокали на „Бијело дугме“, Бебек, Тифа и Ален Исламовиќ.
– Фаворит меѓу пејачите на „Бијело дугме“ ми е Жељко Бебек, но во секоја песна се трудам најпрво да бидам Цеки, да бидам свој. Се надевам дека кариерата наскоро ќе ни тргне по нагорна линија, сите во бендот го посакуавме тоа – рече Цеки.
По презентацијата на видеозаписот, бендот ја отсвире „Сувенир из Сарајева“ и во живо, а по кусата пауза, музичарите се вратија на сцената облечени како оригиналчните членови на „Бијело дугме“, зазвучеа како нив и со цели два и пол часа жива свирка на присутните им приредија вистински музички времеплов. Најпрво слушнавме песни од раната фаза на групата, стари и половина век, по што следеа сите големи хитови кои живеат и се пеат и денес.
„Бело копче“ звучеше одлично, а гласот на Цеки во буквална смисла на зборот оживеа многу спомени-сувенири кај присутните.
М.Т