Номинациите за „оскар“ за „Анора“, „Супстанцијата“ и „Емилија Перез“ ја одразуваат промената кон надреални заплети засновани на трајни митови

Анализа на „Гардијан“

Магично исполнување желби, ненадејно добивање нереални богатства или исполнување сон за магична телесна трансформација се елементи што се клучен дел од традиционалната бајка. Тоа е заплетот проткаен низ фолклорот, кој често води до казнување на алчните или претерано амбициозните.
Токму минатонеделните номинации за „оскар“ јасно ја покажуваат таа тенденција на промена во климата. Во срцето на киното се вгнездија приказни што во својата суштина го имаат надреалното.
Помеѓу оние што Академијата ги препозна по нивната привлечност се издвоија три филма. Токму овие филмови јасно ја покажуваат таа нова тенденција. „Анора“, „Супстанцијата“ и „Емилија Перез“ се дела што во својата суштина се занимаваат со современо создавање митови, од кои секоја е басна за модерен морал. Тие се приказни за лични трансформации што ги поттикнуваат приказните за Ханс Кристијан Андерсен и браќата Грим. Иако личат на бајки, во суштина во овие три филма се крие мрачната вистина на суровата реалност.
„Нешто смело и свежо влезе во составот на Оскарите“, рече филмскиот продуцент и критичар Џејсон Соломонс. „Ова се можеби нови филмови, раскажани на начин што изгледа многу невообичаено, но тие се засновани на некои трајни митови. Тие преземаат големи, смели ризици, но сепак се закотвени во класичното раскажување, без разлика дали од браќата Грим или од Езоп. Тие се за повторно раѓање и трансформација и ова се идеи што траеја со добра причина“.
Во „Анора“, филм на американскиот режисер Шон Бејкер, кој минатата пролет ја доби „златната палма“ во Кан, танчарка од Бруклин е спасена од сиромаштија од богат руски клиент. Фатена во виорот на очигледна романса, оваа модерна Пепелашка накратко оди на валцер со нејзиниот принц.

И во „Супстанцијата“, Деми Мур, како злобната маќеа на Снежана, е принудена на екстремни мерки за да ја врати својата убавина. Режисерката Корали Фаргит ја прикажува како познат фитнес-гуру, чија ѕвезда исчезнала во средната возраст, што ја навело да направи судбоносен договор со „злото“ за да ѝ ја врати младоста.
Конечно, филмот „Емилија Перез“ е филм за целосна физичка трансформација. Водач на мексикански наркокартел, „принцот жаба“ во овој филм на францускиот режисер Жак Одиар прекуноќ се претвора во некоја сосема поинаква личност и почнува неговото искупување за лошото минато.
Трите номинирани бајки го исполнуваат предизвикот на новите критериуми за „оскар“, давајќи жестоки нивоа на хиперреалност. Сепак, тие се втемелени во груби и чудовишни човечки детали. „Жените во центарот на овие филмови се навистина казнети“, рече филмската критичарка за „Обзервер“ Венди Ајд, „но тоа често е случај и во бајките. Хероината на ’Супстанцијата’ е особено лошо казнета, иако таа не е виновна, освен во смисла на општата мизогинија што сака да ни ја прикаже Фаргит“.
Меѓу оние што ќе се натпреваруваат за главната награда годинава е и една многу поочигледна бајка, „Злобните“, екранизација на вештерскиот сценски мјузикл, како и неколку наслови што раскажуваат поконвенционални кинематографски приказни, како што е биографскиот филм за Боб Дилан, „Целосно непознато“.
Во пократката постава на номинирани за најдобар режисер, Бејкер, Фаргит и Одиар заземаат три од петте места.

– Она што е интересно за нивните филмови е тоа што сите тројца користат воспоставени жанрови за да ги раскажат своите приказни“, рече филмскиот критичар Џонатан Ромни, посочувајќи дека „Емилија Перез“, која има рекордни 13 номинации за „оскар“ за филм од неанглиско говорно подрачје, е приспособен кон една неконвенционална форма. „Сето тоа е претставено да ви го покаже она што обично би го виделе во насилна ТВ-драма за Мексико, но потоа сето тоа го прави како сценски вид мјузикл. Тоа е доста дрско и не е толку поврзано со реалноста – заклучува Ромни.
Публиката на гротескното патување во филмот „Супстанцијата“ е уште пошокантна. Буквално, овој филм е тешко да се гледа со полн стомак. Неговата вознемирувачка палета на бои и жестоките сцени го изразуваат длабокиот гнев поради притисокот под кој се жените за да ја задржат својата младост.
– Тоа се вклопува во жанрот телесен хорор. Тоа е визија на нашето општество, но со голема доза на надреализам – рече Ромни.
Миленикот на Ромни во триото филмови е „Анора“. Опишан од некои како мрачна верзија на „Убава жена“, тој ги има своите вистински корени во традиционалните бајки.
– За мене „Анора“ е филм со најсилна порака, бидејќи е трагикомедија сместена во реалниот свет. Делови од него имаат енергија на комедија од 1940-тите – завршува Џонатан Ромни.

Секоја од трите приказни што заедно со „Злобните“ се борат за „оскар“ преминува во емоционална пресметка на една личност самата со себе. За танчарката во „Анора“ тоа е мрачното сознание дека нејзиното бегство не е реално. За Деми Мур во „Супстанцијата“ тоа доаѓа кога нејзиното тело ненадејно се бунтува, а нејзините оштетени делови од телото нѐ навраќаат на вештерките од старите средновековни европски приказни, кои подоцна повторно беа воскреснати од Волт Дизни.
– Треба да бидете смели. Инаку, која е поентата на киното? Треба да ги исфрлите луѓето од нивната комфорна зона и долго да се зборува за делата – смета филмскиот продуцент и критичар Џејсон Соломонс.
Освен гореспоменатите три филма, за најдобар филм ќе се натпреваруваат уште и „Бруталист“, „Конклава“, „Целосно непознато“, „Дина: втор дел“, „Јас сум сѐ уште тука“, „Никел бојс“ и „Злобните“.
Деми Мур и Мики Медисон („Супстанцијата“ и „Анора“) ќе бидат во конкуренција за најдобра женска улога, а Јура Борисов („Анора“) и Зое Салдања („Емилија Перез“) се меѓу кандидатите за најдобра споредна улога. Во категоријата најдобар режисер, покрај Бреди Корбет („Бруталист“) и Цејмс Манголд („Целосно непознато“), се номинирани и Шон Бејкер за „Анора“, Корали Фаргит за „Супстанцијата“ и Жак Одиар за „Емилија Перез“.