По објавата на Трамп за повлекување на САД од Светската здравствена организација (СЗО)
Објавата на новоименуваниот претседател на САД, Доналд Трамп, дека неговата земја се повлекува од Светската здравствена организација (СЗО) предизвика сериозна загриженост и повлекување редица мерки во правец на штедење и рационализирање на трошоците. Едно од првите соопштенија беше дека организацијата ќе го замрзне вработувањето и ќе ги ограничи патувањата.
– Како што знаете, Соединетите Американски Држави ја објавија својата намера да се повлечат од СЗО. Жалиме за оваа одлука и се надеваме дека новата администрација ќе ја преиспита. Оваа објава ја направи нашата финансиска состојба уште поакутна и знаеме дека создаде значителна загриженост и неизвесност за работната сила на СЗО – порача генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус во е-пошта до персоналот.
Како одговор, СЗО „го замрзнува регрутирањето, освен во најкритичните области“ и „значително ги намалува патните трошоци“. Сите состаноци сега мора да бидат целосно виртуелни, освен во исклучителни околности, а мисијата за техничка поддршка во земјите треба да биде „ограничена на најважното“.
Беа најавени и други мерки, кои вклучуваат ограничувања за замена на ИТ-опрема, повторно преговарање за големи договори и суспендирање на реновирањето на канцелариите и капитални инвестиции, освен ако не е неопходно за безбедност или намалување на трошоците, според „Политико“, кој имаше пристап до е-поштата на СЗО.
И како ова да не беше доволно, во меѓувреме, италијанскиот вицепремиер Матео Салвини исто така предложи закон за повлекување на Италија од СЗО, пренесуваат агенциите. Е.Р.