Плакат

Под мотото „Создавање на ликовите од страна на читателот“ вечерва од 18 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи промоција на книгата „Дијалози“ од Коста Бојчески.
– „Дијалози“ од Бојчески е плод на еден непретенциозен, а сепак доволно предизвикувачки и во добра мера успешен опит со формата и структурата на дијалошката форма во литературен контекст. Авторот со ова свое дело нема претензии да наметне и востанови нови стандарди во поглед на идејно-тематската обработка и структурно-формалната конципираност. Но, сепак, исходот е книга која е оригинална и во двете споменати насоки. Дијалошката форма во која „гласовите кои говорат“ се лишени од персонализација, како и првичното отсуство на временско-просторна контекстуализација на дејството, е заедничка одлика на сите дијалози кои се поместени во оваа книга. Уникатноста на оваа книга е во „дефинирањето на ликовите“ и лоцирањето на дејството во еден хронотописки контекст преку самиот процес на читање на истите. Ликовите ни се „откриваат“, или поточно, самите ги откриваме и „создаваме“, со самото читање на дијалозите, па на тој начин почнуваме и органски да ги доживуваме како литературни субјекти. Токму поради наведените аргументи, „Дијалози“ е книга со искрен, автентичен пристап во творечкиот израз од страна на Бојчески, која заслужува пошироко внимание – вели Александар Еленин.
Промотор ќе биде Виктор Јованоски, а модератор Александар Еленин.
Со своја автентична сценски изведба на некои од дијалозите настанот ќе го облагородат прилепските актери Даниела Иваноска и Димитар Ѓорѓиевски со режисерот Борис Василески, а на сето тоа музичка магија и атмосфера ќе му даде групата „The Hounds“.

Ка.М.