Подмладување на кожата се постигнува и со отстранување на дамките, разни хиперпигментации и нерамни површини на кожата, а во тоа може да ви помогне млечната киселина, која е омилена меѓу љубителите на нега на кожата благодарение на нејзините уникатни ефекти. Како член на семејството на алфа-хидрокси киселини (АХА), таа обезбедува ефективна ексфолијација, длабока хидратација и изедначување на тенот. Оваа киселина од природно потекло доаѓа од ферментација на млеко и дејствува така што ги разбива врските помеѓу мртвите клетки на површината на кожата, овозможувајќи нежно и лесно отстранување. Резултатот е помека, посветла и посвежа кожа.
Придобивки
Без оглед на типот на кожата, млечната киселина носи многу придобивки, вклучувајќи пилинг – млечната киселина ефикасно ги отстранува мртвите клетки на кожата, откривајќи посјаен тен и помазна текстура. Таа овозможува хидратација, благодарение на своите навлажнувачки својства, ја привлекува влагата од околината и ја задржува во кожата, давајќи ѝ еластичност и исполнетост. Млечната киселина ги стимулира производството на колаген и регенерацијата на клетките, што помага да се намалат знаците на стареење. Со редовна употреба, таа ги намалува хиперпигментацијата, темните дамки и црвенилото, давајќи ѝ на кожата поздрав изглед.
Како правилно да се користи млечна киселина? Воведувањето млечна киселина во вашата рутина за нега на кожата бара трпение и внимателен пристап. Користете ја навечер. Млечната киселина ја зголемува чувствителноста на кожата на сонце, поради што најдобро е да ја нанесувате навечер, пред спиење. Нанесете на чиста и сува кожа, веднаш по чистењето, но пред серум и хидратантен крем. Постепено воведувајте ги производите, започнете со помали концентрации (околу 5 проценти) и користете ги еднаш или двапати неделно. Штом кожата ќе развие толеранција, можете да ја зголемите фреквенцијата или да се префрлите на производи со поголема концентрација.
Задолжителен е крем со заштитен фактор. Поради поголемата чувствителност на кожата на УВ-зрачење, неопходно е во текот на денот да се користи крем со заштитен фактор.
Каде може да се најде?
Оваа повеќенаменска состојка е присутна во широк спектар производи за нега на кожа. Ја има во хидратантните кремови, кои обезбедуваат нежна ексфолијација и длабока хидратација, потоа во средствата за чистење и во серумите. Фокусирајте се на специфични проблеми, како што се темни дамки или брчки. Млечната и хијалуронската киселина формираат совршен тандем. Додека млечната киселина ексфолира и ги отстранува мртвите клетки, хијалуронската киселина длабоко ја хидрира кожата и ги ублажува можните иритации. Млечната киселина и витаминот Ц даваат фантастични резултати, се препорачува нивна наизменична употреба – користете млечна киселина една вечер и витамин Ц следната, за да избегнете нарушување на pH-рамнотежата на кожата.
При пониски концентрации, млечната киселина се смета за безбедна за употреба и за време на бременоста. Сепак, пред да ја вклучите во вашата рутина, консултирајте се со дерматолог или лекар.
Како нежен но моќен сојузник во негата на кожата, млечната киселина нуди многу придобивки кога се користи правилно. Клуч за успехот се доследноста, трпеливоста и внимателното слушање на потребите на вашата кожа. Експериментирајте, пронајдете ја идеалната комбинација на производи и уживајте во сјајна здрава кожа.