Фото: Пиксабеј/IИлустрација

Од шесте пожари што ја зафатија областа на Лос Анџелес, три се ставени под контрола, а 50 отсто или повеќе од областа под оган е изгасната, додека најголемиот пожар во Пацифик Палисајдс се уште е не е под контрола, како ниту пожарите во Итон и Арчер, јавија денеска американските медиуми.

Пожарот во богатото предградие на Лос Анџелес, Пацифик Палисајдс, во текот на ноќта се прошири понатаму на исток, а противпожарните екипи и авионите се фокусираа на дополнителните напори во областа на кањонот Мандевил, јави Си-Ен-Ен.

Според најновите податоци на пожарникарите, пожарот во Пацифик Палисајдс, во кој досега изгореа 21.596 хектари, е локализиран само осум отсто.

Пожарот во Итон, што зафати 14.117 хектари, досега е локализиран само на три отсто од огнената површина, а пожарот во Арчер, кој зафати 19 хектари, е целосно надвор од контрола.

Најголем успех досега пожарникарите имаа во гаснењето на пожарот во Лидија, што зафати површина од 395 хектари земја, а досега е изгаснат на 98 отсто и во гаснењето на пожарот во Херст, што зафати 771 хектар, досега е изгаснат на 70 отсто од површината, додека пожарот Кенет, во кој пожарот зафати 1.052 хектари, досега е изгаснат на половина од зафатената територија.

Поради смртоносните пожари во Лос Анџелес, за околу 100.000 жители се уште важи наредбата за евакуација.

Противпожарната служба на Калифорнија проценува дека повеќе од 10.000 објекти најверојатно се оштетени или уништени само во пожарите во Итон и Палисајдс.

Областа на Лос Анџелес и понатаму е под предупредување за црвен аларм, иако пожарникарите се надеваат дека ветровите може да стивнат во текот на ноќта, што ќе им овозможи да се справат со некои од најголемите пожари.