Светското првенство за ракометари, 29-то по ред, ќе се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, а почнува на 14 јануари

РАКОМЕТ

Новото издание на Светското првенство (СП) за ракометари, 29-то, е пред нас, а на само четири дена пред почетокот, Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) разгледува какви рекорди и нови граници би можеле да се достигнат на Мундијалот во Хрватска, Данска и во Норвешка.

  • Четврти пат за четворица играчи? Рекордот за најмногу освоени титули на СП го држи Тиери Омејер, со пет златни медали (2001, 2009, 2011, 2015 и 2017 година), а уште пет француски играчи, Никола Карабатиќ, Жером Фернандез, Микаел Гигу, Даниел Нарсис и Седрик Сораиндо, имаат по четири трофеи. Има уште неколку играчи со по три титули, вклучувајќи ги данските легенди Микел Хансен и Никлас Ландин, кои се пензионираа од меѓународниот ракомет, но уште четворица дански играчи, Магнус Ландин Јакобсен, Мадс Менсах Ларсен, Сајмон Халд и Хенрик Молгард, беа дел од тимот што освои три титули по ред, во 2019, 2021 и во 2023 година и на СП 2025 можат да ја освојат својата четврта титула.
  • Постојаноста на Сагосен во собирање награди? Постојаноста е многу тешко да се постигне на СП, па затоа постигнувањето најмалку 39 гола во четири последователни изданија е карактеристика што е тешко да се најде за повеќето играчи, пишува ИХФ. Сандер Сагосен е голема надеж за скандинавската селекција да обезбеди медал на домашен терен. Тој дебитира на СП во 2017 година, кога Норвешка освои сребрен медал. Две години подоцна Норвешка освои уште едно сребро. Но бекот беше одличен, со 41 гол на СП 2017, потоа 51 на СП 2019, 54 на СП 2021 и 39 погодока на СП 2023. Вкупно, Сагосен постигна 188 гола на планетарните шампионати и е на пат да постигне 200. Свежо закрепнат од повреда, тој ќе биде клучен за амбициите на неговата репрезентација на СП 2025.
  • Троцифрена граница за Гидсел. Во само два настапа на СП, најдобриот играч на годината во избор на ИХФ за 2023 година, Матијас Гидсел, веќе постигна 99 гола. Од неговото појавување на најголемата сцена, Гидсел е незапирлив, постигнувајќи 448 гола во 79 меча за Данска. Тој е прогласен за олстар десен бек на СП 2021, како и за најкорисен играч (МВП) и најдобар стрелец на СП 2023, кога имаше 61 гол. Згора, 25-годишниот играч беше МВП на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2021 и во 2024 година, а ја има и титулата најдобар стрелец на годинашното Европско првенство и на ЛОИ 2024. Гидсел може да биде еден од најдобрите стрелци во историјата на СП кога ќе се пензионира, пишува ИХФ.
  • Вкупно 250 за Салинас? Од првото појавување во 2011 година, Чиле беше присутен на секое СП, а Салинас учествуваше на секое од нив, како камен-темелник во бековската линија на јужноамериканската репрезентација. Досега десниот бек, кој сега има 35 години, на СП постигна 241 гол и е еден од најконстантните голгетери во натпреварувањето. Тој беше четврти најдобар стрелец на СП 2015 и 10-ти на СП 2021. Салинас е капитен по СП 2021 и сака да стане еден од ретките играчи со најмалку 250 гола на мундијалите, а му требаат само 59 за да стане петти со најмалку 300 гола.
  • Кој прв ќе постигне 5.000 гола? Замислете да постигнете 1.000 гола на СП. Потоа 2.000, па 3.000 е следната цел, па 4.000. Сега, Германија и Шведска можат да ја надминат границата од 5.000 гола, станувајќи првите две селекции што постигнале толкав број голови во СП. И Германија и Шведска сега се на 4.803 гола. Германија има поголеми шанси прва да стигне до 5.000 гола, бидејќи игра еден ден пред Шведска на СП 2025, но селекцијата со најголем број голови ќе биде онаа што ќе остане најдолго во натпреварувањето.
  • Дебитант. На СП 2025 само една селекција ќе го има својот прв настап. Гвинеја е само осмата африканска репрезентација што ќе учествува на СП и втората африканска селекција што ќе дебитира во претходните три СП, откако Зелено’ртските Острови првпат играа на СП во 2021 година, пишува ИХФ. Н.М.