Премиерот Мицкоски, делумно задоволен од работењето, упати порака во јавноста дека работите сѐ уште не одат во оној правец и динамика како што очекува јавноста
- Продолжуваме да се бориме, но очекуваме комплетна состојба откако и другите институции ќе ја разберат важноста дека правдата мора да ја добијат граѓаните!
- На церемонијата за поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во с. Црешево, во близината на Скопје, македонскиот премиер во обраќање до граѓаните упати неколку пораки и ветувања, но и негови впечатоци од досегашната работа на Владата и некои институции, подвлекувајќи дека сѐ уште не се влезени во кондиција проектите да се изработат во полн капацитет, но дека трендот за борба против недоследностите, криминалот и корупцијата е во силно нагорна линија, дека се гледаат првичните резултати, но и дека допрва ќе следуваат исполнувањата на мисијата за динамичен просперитет на државата
1. Не се доволни само акциите што ги презема МВР во борбата
против криминалот, сите институции треба да се вклучат во борбата
Размислуваме за неколку потези што ќе ги преземеме по празниците, затоа што и покрај најавите дека се поминати оние синдроми на анксиозност, дијареја, грчеви, покачена температура, сѐ уште гледам дека тие процеси траат кај одредени обвинители и судии, порача премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека граѓаните мора да добијат правда.
– Граѓаните ја очекуваат правдата и ние планираме да преземеме таков тип акции во периодот што следува затоа што граѓаните очекуваат правда – рече Мицкоски во одговор на прашањето дали се планира смена на членови на Судски совет преку Собранието.
Премиерот порача дека не се доволни само акциите што ги презема МВР во борбата против криминалот и додаде дека сите институции треба да се вклучат во борбата.
– Не се доволни само акциите на МВР, иако ќе кажам дека тоа беа историски акции, кои досега се незапаметени, коишто ги направија МВР и БЈБ и СВР Скопје, АНБ, но гледаме дека понатаму како работите да не одат во оној правец во којшто граѓаните очекуваат да одат. Како влада, преку МВР ќе продолжиме да се бориме, но очекуваме целата оваа состојба да биде комплетна откако и другите институции ќе ја разберат важноста дека правдата мора да ја добијат граѓаните и дека мора да биде еднаква за сите – посочи Мицкоски.
Владата нема да презема чекори спротивни на Уставот, туку секогаш ќе работи во насока на позитивните законски норми и Уставот, кои се за нас клучни два столба, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе донесат закон за рестриктивни мерки за лица што се наоѓаат на црната листа на САД.
– Она што е констатирано од одлуката на САД, а е содржано во листата на санкции каде што се опфатени овие имиња, тоа е судија од Апелација и поранешен член на Владата е практично дел од основаното сомневање на обвинителството. Мислам дека имаме доволно квалитетни процедури во рамките на системот да го завршиме ова. Ние никогаш нема да преземаме чекори што ќе бидат спротивни на Уставот затоа што не беше тоа причина зошто нѐ гласаа граѓаните – нагласи Мицкоски.
Во однос на шпекулациите дека поранешниот вицепремиер Артан Груби, за кого судот одреди 30-дневен притвор, е можно да добие политички азил во соседна земја, меѓу кои е наведена Албанија, премиерот појасни дека Груби е на црната листа на САД поради основано сомневање за сторен криминал, а не од политички причини.
2. Институциите жестоко ќе се спротивстават на неетичките практики на трговците за зголемување на цените
Следува робусна, жестока акција во интерес на граѓаните
Апел до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи упати премиерот Христијан Мицкоски и најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција, со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.
– На седница на Владата ќе побарам робусна, жестока акција од Пазарниот инспекторат затоа што добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Јас со трикови не функционирам и тие што мислат дека ќе функционираат со трикови, се лажат. Не може тоа што ним им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други производи како маслото, лебот, јајцата, брашното… Жестоко ќе се спротивставиме со оние што мислат дека нѐ надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, а видете како враќаат. Ова не е коректно и денеска од страна на министерот за економија и труд ќе побарам вонредна инспекција и ова девијантно однесување да престане – рече Мицкоски.
Со мерката „Новогодишна кошничка“, која важи до 15 јануари, се опфатени повеќе од илјада производи. Беше направена во соработка со трговците и производителите за да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните празници. Надлежните очекуваа намалување на прехранбените производи за околу 10 проценти, но граѓаните се жалат дека не се забележува некое поголемо намалување на цените и дека се зголемени цените на основните прехранбени производи како брашното, маслото, јајцата…
3. Пораки на премиерот за покачување на социоекономскиот стандард на граѓаните
Нема да растат платите на функционерите, а за другите вработени платите со сигурност ќе се покачат
Во 2025 година ќе растат платите на сите вработени во државата, но нема да растат платите на функционерите, потврди премиерот Христијан Мицкоски.
– Ќе се бориме сите вработени во државата да добијат повисоки плати, ќе работиме на тоа, но функционерите нема да го имаат тоа право. Тоа го кажавме и тоа го правиме. Правиме измена на законското решение со која нема да има покачување на функционерските плати. Оваа измена на законот наскоро ќе биде пред пратениците – истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот нагласи дека смета оти тоа е исправен чекор.
– Ценам дека тоа е исправен чекор иако постои дебата. Ќе продолжиме и во иднина да работиме во интерес на граѓаните и на сите оние што нѐ гласале и имаат доверба во нас како влада – потенцира Мицкоски. Н.М.
4. Предвидени средства за обезбедување бесплатен автобуски
превоз за студентите в година
Премиерот Христијан Мицкоски најави можност за реалоцирање средства со цел да се обезбеди бесплатен автобуски превоз за студенти за Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје (ЈСП), информирајќи дека веќе разговарале со министерката за образование Весна Јаневска.
– Овие средства во разговор со министерката ги предвидовме за следната година. Претходната влада не ги предвидела овие средства ниту потпишала договор, мислам дека се тоа 120 милиони денари за следната година. Тоа е далеку од она што му е потребно на ЈСП, но ние излеговме во пресрет кога требаше да се интервенира за да се обезбеди нафта за да можат автобусите да се сообраќаат соодветно и да превезуваат патници – истакна Мицкоски на новинарско прашање дали ќе има пренамена на средства.
Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вчера испрати апел до Владата и Министерството за образование и наука на владина седница да овозможат реалоцирање на средства за продолжување на бесплатниот превоз за студентите во 2025 година. Н.М.