Фото: Маја Јаневска-Илиева

Костадиновски упати порака и до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи, како што нагласи, Уставниот суд ќе продолжи бескомпромисно да ги чува Уставот и граѓанските слободи и права

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски:

Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој не може да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот. Тргнете ги рацете од Уставниот суд. Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава, за европски вредности. Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се труди! Тоа го порача претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на вчерашната прес-конференција.
Костадиновски истовремено упати порака и до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи, како што нагласи, Уставниот суд ќе продолжи бескомпромисно да ги чува Уставот и граѓанските слободи и права.
– Владеењето на правото и правната држава не можат да повредат ничии права или чувства, напротив, тие се гаранција за вашите слободи и права, кои се признаени со меѓународното право и утврдени во Уставот. Не дозволувајте вашите чувства да бидат манипулирани од кого било. Силата на Уставот е втемелена во волјата на секој од нас да го штити и да застане зад него. А јас, ќе останам доследен на моето ветување од првиот ден како претседател, лојален сум му само на Уставот и никому друг – истакна Костадиновски.
Правејќи пресек на сработеното во 2024 година, претседателот на Уставниот суд посочи дека ова е година во која одбележувајќи го јубилејот 60 години уставно судство, судот се соочи со крупни реформи и новини во неговата работа, но, за жал, и година на сериозни политички притисоци и влијанија врз судот.
– Обидите за политизација и етнизација на постапките и одлуките на Судот со употреба на неосновани непристојни квалификации за мене, за судот, неспорно претставуваат политички притисок и влијание врз судот. И притисоците и влијанијата и манипулациите во повеќе наврати, а и сега со индигнација ги отфрлам. Тие немаат никаква допирна точка ниту со заложбите за владеење на правото, ниту со уставната, правната и политичката култура, ниту пак со европските вредности. Но тоа е нашата општествена или како јас ја нарекувам уставна реалност – истакна Костадиновски.
Покрај ваквата реалност, како што додаде, судот не потклекна и влијанието не се рефлектираше врз квалитетот на нашата работа.
– Накусо ќе кажам дека 2024 година ќе биде забележана како година на револуционерни реформи во работењето на судот, една од најефикасните по однос на предметите коишто сме ги решиле, но и година на зголемена доверба на граѓаните во Уставниот суд, ако се зема предвид приливот од пристигнатите иницијативи, бројка што оваа година отскокнува од годините претходно – рече Костадиновски.
Според Костадиновски, ова е најефикасната година за Уставниот суд, ценејќи ги статистиките на решени предмети во последните пет години.
– Во 2024 решени се 248 предмети, што е за 25 проценти повеќе од претходната кога сме имале 186. Годинашната статистика опфаќа решавање предмети не само од 2024 туку и од изминатите години – информира Костадиновски.


Подготвителната седница за Законот за јазиците се очекува во март

Подготвителната седница за Законот за јазиците се очекува да биде одржана во периодот од 19 до 21 март, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој информираше дека утре судот ќе има редовен работен состанок, на кој ќе се утврдуваат листата на учесници и спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон. Тој дополни дека се предложени повеќе од 20 имиња, а станува збор за експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права. Претседателот на Уставниот суд информира дека е побаран пријателски совет од Венецијанската комисија и дека пријателскиот совет ќе биде усвоен на седницата на 14 и 15 март. Н.М.