Албанија
Ова ќе биде година со најголем трговски дефицит во поновата историја на Албанија, со значителна разлика во однос на минатата година, покажува статистиката за периодот од јануари до ноември. И покрај ваквата состојба, националната валута има тенденција на зајакнување и ја принуди Централна банка на Албанија масовно да интервенира на пазарот, објавија албанските медиуми.
Дефицитот во стоковната размена достигна 469 милијарди леки или 4,7 милијарди евра за единаесетмесечниот период, што е зголемување од 72 милијарди леки во однос на истиот период од 2023 година, што подразбира дека оваа ќе биде година со апсолутен рекорд во трговскиот дефицит, надминувајќи го, со значителна разлика, дефицитот од 464 милијарди леки забележан во 2022 година, кога изби војната во Украина и се чувствуваа последици од пандемијата на ковид-19.
Податоците објавени од Институтот за статистика покажуваат дека извозот на стоки годинава е намален за 14 проценти, додека увозот е зголемен за два отсто. Еврото во текот на 2023 година чинеше во просек 110 леки, додека годинава е со тренд на зајакнување од 98 леки. Р.С.