Фото архива

Безмилосно се однесувале кон РЕК Битола, кон енергетскиот сектор и тоа придонесе до една многу, многу лоша ситуација. Она што било уништено во претходните пет, шест, седум години во однос на лукративните тендери, во однос на дивеењето на раководството на РЕК Битола заедно со одредени надворешни компании, придонесува денес да имаме нестабилен енергетски систем.

Ова го изјави директорот на ЕСМ, Зоран Коњановски, на денешната Панел-дискусија за состојбите во РЕК Битола во Скопје, а се осврна и на последниот случај поврзан со компанијата „Браинкоде“, која, според Коњановски, од компанија за трговија на канцелариски материјали станала увозник на хемиски производи и добила три тендери од ЕСМ за набавка на адитиви од Италија во вредност од 6,5 милиони евра, тендери на кои била единствен понудувач. Тој рече дека за жал ова не е единствена фирма која наменски е формирана само неколку месеци пред објавување на некоја тендерска постапка.

– Ваков адитив не е донесен само во РЕК Битола, туку е донесен и во РЕК Осломеј, а таму воопшто не е искористен и ова е една класична мафијашка постапка, како заради некои причини кои можеби и свесно се направени во комбинатот се добила идеја да се набави ваков адитив. Втор дел од оваа приказна е што само една фирма се одважила да се јави на тендерот, но јавна тајна е дека не е така, туку се правеле притисоци врз останатите фирми или да се откажат или се одело на електронска аукција каде што повторно со притисоци се обесхрабрувале другите фирми да ги намалуваат цените – рече Коњановски.

Според него, ова е „епски криминал кој се случувал во електроенергетскиот систем и кој бил помогнат од раководството на СДС, па наместо стотици милиони да се вложуваат во рудниците и термо-блоковите се вложувале во поединечни џебови“.