Фото: „Нова Македонија“

За да функционира Хидросистемот „Ѓавато“ и да се постигнат потребите на вода за Дојранското Езеро треба да се изврши обновување, реконструкција и санирање на истиот, согласно изработен ревидиран основен проект за санација и реконструкција на ХС „Ѓавато“ со кој ќе се утврдат точните финансиски средства за негово враќање во употреба, се вели меѓу другото во мислењето дадено од Министерството за животна средина и просторно планирање кое било побарано од Општина Дојран.

Во документот се наведува дека во моментот технички се исправни само три потопни пумпи од вкупно десет и од нив се обезбедува дотур на вода од 200 до 300 литри во секунда.

– Со работа на две или три потопни пумпи, односно 200 до 300 литри во секунда, нема да може да се постигне ефектот на зголемување на нивото на водата во Езерото – се вели во мислењето од МЖСПП.

Се додава дека при увидот е констатирано дека има големи оштетувања на цевководот, како и оштетувања на спојот на цевките поради што загубите не вода би биле очекувани при пуштање на системот во работа.

Според пресметката, со вклучени три пумпи месечно за потрошена струја ресорното министерство треба да плати околу 258 илјади евра.

Во мислењето има и информација дека со буџетот за 2025 година не се предивени средства за хидросистемот, туку откако ќе биде изработена техничка документација Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ја информира Владата за статусот и финансиските срества за ставање во повторно употреба на „Ѓавато“.

Според градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, хидросистемот за полнење на Езерото не работи, но останува неодложната потреба од реконструкција и ставање во функција на „Ѓавато“.

– Со добиеното Мислење од ресорното министерство се докажаа нашите стравувања дека хидросистемот нема да проработи и дека е потребна негова реконструкција и санација. На 9 минатиот месец ресорниот министер објави дека повторно се пушта во употреба системот, но не излеза така, туку тоа беше само за сликање. Наша цел е системот целосно да проработи и да биде во функција – изјави Ангов.

Инаку, пред повеќе од еден месец првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија Миле Цеков, по тригодишен застој, повторно го пуштија во функција Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ со кој од бунарите во Ѓавато, богданско, се врши дотур на вода во Дојранското Езеро.

Според денешните мерења на УХМР нивото на Дојранското Езеро е 69 сантметри под догорениот минимум.