Високото партиско раководство во ДУИ веќе не е „заштитен вид“! Видливата загриженост кај водството на ДУИ говори дека тие ја сфатиле американската директна порака, повеќе од свесни се дека воопшто не станува збор (лично) за Груби, туку дека пораката е испратена генерално до целото раководство на интегративците, дека „времето на владеење на криминалот и корупцијата помина“ и дека е време за нови луѓе, кои не се обременети со никакви противправни и антидемократски поведенија, но и кои не се ни најмалку инволвирани во воени и други злосторства од конфликтот во 2001 година

Стејт департментот со објавувањето на новата црна листа испрати јасна и недвосмислена порака до интегративците

Најновата одлука на американскиот Стејт департмент, со која црната листа со имиња од Македонија се прошири уште за две лица, говори за фактот дека САД како стратегиски партнер на Македонија се решени да ги мотивираат македонските институции да започнат решителна борба со корупцијата и криминалот во државата.
Имено, Стејт департментот соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција. Според соопштението, Груби и Беџети примале мито за да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Веста за ставањето на црната листа на Груби и Беџети предизвика голема вознемиреност кај раководството на ДУИ, кое очигледно не се надевало на таков потег од страна на американската администрација.
– Како човек што мојот јавен живот го посветив на заштита на западните демократски вредности и кој секогаш работев напорно за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се ангажирам со сета своја посветеност и максимално, заедно со нашите пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме низ годините за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го обелиме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главен столб на секое мое дејствување – напиша Груби во негова објава на социјалните мрежи.
Од американската амбасада во Скопје излегоа со официјално соопштение, во кое наведуваат дека нема недопирливи и дека одговорност мора да има.

– Именувањето на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат оние што се впуштаат во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок – се наведува во соопштението на американската амбасада.
Видливата загриженост кај водството на ДУИ говори дека тие ја сфатиле американската директна порака, повеќе од свесни се дека воопшто не станува збор за Груби, туку дека пораката е испратена генерално до целото раководство на интегративците, дека нивното време помина и дека е време за нови луѓе, кои не се обременети со никакви коруптивни дејства, но и кои немаат крв на своите раце од конфликтот во 2001 година. Интересен е и тајмингот кога се обелоденети новите имиња на американската црна листа, односно непосредно пред одржувањето на седницата на Уставниот суд на која треба да се расправа за одредени одредби од Законот за употреба на јазиците, што ДУИ го користи како алатка за потсилување етнички тензии во државата.
Сега сето тоа паѓа во вода, бидејќи станува јасно дека оние што се обидуваат преку наметнување тензии и кроење сценарија за дестабилизација на државата, всушност сакаат единствено да се спасат од кривичен прогон и да си ги зачуваат парите стекнати преку коруптивни матни зделки.
Тоа што потенцијалниот наследник на Ахмети во партијата сега е на црната листа, буквално го урива концептот на продолжување на владеењето на ДУИ врз принципот „како досега“, а она на што ќе се инсистира во иднина, тоа е почитување на законите, тргање на рацете од судството и преземање одговорност за сопствените постапки.
Американската порака до ДУИ е директна и јасна, дека повеќе не ја уживаат американската поддршка и дека нивната употребна вредност помина. Поддршка немаат ниту од Европа, особено откако Советот на Европа побара отворање на хашките предмети со кои раководството на ОНА се сомничи за воени злосторства, истото она раководство што со години е на чело на ДУИ.
– Повеќе од очигледно е дека станува збор за американска шут-карта на ДУИ. Не е важно дали презимето на листата е Груби или Беџети, вистинското име е ДУИ. ДУИ всушност од завчера е на американската црна листа. Свесни се за тоа, па во следниот период ќе се обидат да ја спуштат топката со Американците. Но ако и покрај сѐ продолжат да дејствуваат во насока на дестабилизација на државата, како што сега го прават тоа, тогаш дефинитивно многу брзо ќе се распаднат и како партија. Затоа институциите мора да бидат претпазливи, за да не наседнат на какви било провокации на партијата, која очигледно е во слободен пад и која не е исклучено да предизвика и одредени инциденти, како последна сламка да се претстави како некаков фактор – констатираат аналитичарите.


ДУИ: Ја почитуваме одлуката на Стејт департментот

Во краткото соопштение во врска со одлуката за ставањето на Артан Груби на црната листа, од неговата матична партија велат дека остануваат посветени на стратегиската соработка со САД и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста.
– Ја почитуваме одлуката на Стејт департментот на САД. Како партија, остануваме посветени на стратегиската соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста – се наведува во кратката реакција на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во врска со одлуката на американскиот Стејт департмент.
ДУИ и претходно изјавуваше дека ги почитува одлуките на Стејт департментот, но во ниту еден момент не се огради од струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој од пред извесно време е на американската црна листа, но и натаму е активен во партијата и на градоначалничката функција. Со тоа ДУИ изрази колосално непочитување кон Вашингтон и обидите на САД, употребувајќи посебни алатки и механизми што се покажале како ефикасни за истрагите, да се дојде до фактите и вистината за незаконските поведенија на членови на ДУИ. Партијата, додека беше на власт, не дозволи ниту институционална истрага во врска со основите на сомневање (и доказите за тоа) во врска со поведенијата сторени од високи функционери на партијата, покажувајќи една „заробена држава“ со која стратегискиот партнер САД де факто нема стратегиско партнерство. Н.М.


Американската амбасадорка Агелер: Оние што го поткопуваат владеењето на правото треба да разберат дека корупцијата има последици

Поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети се ставени на американската црна листа поради политичко мешање и обиди за оцрнување на судството во државата, по што ним и на нивните најблиски им е забранет влезот во САД, а во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции, информира вчера амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.
– Стејт департментот на САД презеде значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа, поради политичко мешање во судството. Затоа, ним и на нивните најблиски членови на семејството им е забранет влезот во САД. Во Вашингтон во меѓу време се разгледуваат и дополнителни санкции – истакна Агелер.

Како што рече амбасадорката, таа се надева оти со ова ќе покажат дека САД ги користи сите можни алатки за повикување на одговорност кон овие лица, чии криминални активности ги нарушуваат безбедноста, стабилноста и доброто владеење во Македонија.
– Во согласност со законот во САД, мора да ги ставиме на црната листа лица за кои постојат докази дека се вклучени во корупција, без оглед на нивните минати или сегашни функции. Велиме дека правдата е слепа, но таа мора да биде непристрасна и објективна за сите, без разлика на политичка партија, пол или етничката припадност – објасни Агелер.
Таа смета дека корупцијата во ниедна форма не треба да се толерира во оваа држава.
– Оние што го поткопуваат владеењето на правото заради лична добивка, а на сметка на народот во С. Македонија, треба да разберат дека корупцијата има последици. САД ќе продолжат да повикуваат на одговорност за сите инволвирани во корупција и се надевам дека судството и оние што го спроведуваат законот во оваа држава ќе го направат истото тоа. Граѓаните на оваа земја го заслужуваат тоа – заклучува Агелер, додавајќи „навистина се надевам дека ниту една политичка партија или личност не би работела на дестабилизација на својата земја. Не гледам дека тоа може да биде во нечиј интерес, а особено не во интерес на граѓаните на оваа земја.
Стејт департментот на САД завчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд, Енвер Беџети, поради нивна вмешаност во значителна корупција. Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот. Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства. Ваквата одлука ја поздравија повеќе партии од власта и од опозицијата. Н.М.


Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Мицкоски: Ставањето на Груби и Беџети на црната листа е потврда на сомневањата за вмешаност во корупција

Ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на судијата на Апелациониот суд, Енвер Беџети, на црната листа на САД поради значителна корупција, е само потврда од стратегиските партнери на она што ние во минатото многупати го зборувавме, за вмешаност во корупција, порача премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека очекува на виделина во јавноста да излезат дополнителни потврди за сомнежите.
– Што се однесува на ажурираната листа на санкции на САД на која се најдоа двајца граѓани од кај нас, едното лице вие го споменавте, второто е судија којшто е дел од Апелациониот суд, ги имате и таму причините зошто се тие практично дел од оваа листа на санкции. Ние во минатото многупати зборувавме за сето ова за кое сега и официјално нашите стратегиски партнери и меѓународната заедница го посочуваат. Јас можам само да кажам дека во периодот којшто следува уште многу потврди на сето она што сме го имале за сомневање ќе излезат во јавноста и таа ќе биде запознаена – рече премиерот Мицкоски на новинарско прашање за коментар за ставањето на Груби на црната листа на САД, додавајќи „голем дел од доказите за коишто се сомневавме веќе се обезбедени“. Н.М.


Претседателката Силјановска-Давкова: Не смееме да останеме мирни во однос на црните листи, Обвинителството да постапи по допрен глас

Не смееме како досега да останеме мирни и така некои што се нашле на црните листи да си продолжат со своите редовни активности. Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, тогаш треба да постапуваат и во случајов. Постојат во меѓународното право, постојат и во меѓусебните односи начини како да се дојде и до тие докази и да се започне постапка овде, зашто во спротивно ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и всушност на тој начин го толерираме беззаконието. Значи, очекувам судот, очекувам јавниот обвинител да почне да постапува, изјави денеска претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во однос на одлуката на американскиот Стејт департмент, за ставање на Артан Груби и на апелацискиот судија Енвер Беџети на црна листа.
Таа истакна дека особена загриженост претставува името на судија на таа црна листа.
Претседателката исто така апелираше партиските лидери да се воздржуваат од коментари непосредно пред одлуката на Уставниот суд по однос на Законот за јазиците.
– Како партиски, како лични, како субјективни одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар. Најмалку што можат да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи во согласност со Уставот и Деловникот – рече претседателката Силјановска–Давкова, коментирајќи ги изјавите на партискиот лидер на ДУИ, Али Ахмети, во пресрет на одлуката на Уставниот суд за Законот за јазици.
Опозициската ДУИ неодамна со соопштение посочи дека укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин туку директен удар врз стабилноста и мирот на државата. Уставниот суд за денеска ја закажа седницата на која ќе расправа по Законот за употреба на јазиците. Н.М.


Масивна полициска акција за обезбедување лица и докази поради сторени дела за злоупотреба на јавни набавки

Институционален одговор на организираниот криминал

Повеќемина лица се приведени во вчерашната полициска акција на Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство, поврзана со работењето на РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и во ТЕЦ „Неготино“, пренесе МИА.
Дел од медиумите објавија дека истрагата опфаќа 25 субјекти, од кои 23 се физички лица, а две се правни лица. Биле извршени претреси во рамките на акцијата спроведена во неколку града, вклучувајќи ги Битола, Велес, Кичево и Скопје. Полицијата, според МИА, запленила 130.000 евра готовина.
Полицијата распишала потерница и по поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, за кој постојат информации дека веќе извесен период е надвор од Македонија.
Според првичните информации, постои основано сомнение за сторен криминал од 6,5 милиони евра при што уапсените се сомничат за сторена злоупотреба во процедурата на јавни набавки.
– Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставиме на обвинителството и судовите. Мора да веруваме на пресумцијата на невиност, но тоа што е најдено е навистина загрижувачки. Сите приведени лица, освен Ковачевски, кој набрзо ќе биде обезбеден, ќе ги изведеме пред лицето на правдата и тие треба да дадат одговор за сомневањата што ги имаме. Сѐ што зборуваме за организираниот криминал ќе ѝ биде на достапно на јавноста, а доказите ќе ги изложуваме транспарентно. Правдата е бавна, но на крајот победува – истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со спроведената полициска акција. Н.М.