Од печат излезе романот „Недостиг“ од Симеон Јанков, како 330. книга во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. „Недостиг“ е повеќеслоен психолошки роман – мистерија што нуди повеќе перспективи и толкувања за настаните, на кои временски нелинеарното изложување им е можеби најсилната страна. Приказната за недостигот е една од главните теми на кои се гради романот и како што нарацијата се развива, станува сѐ понапната, а со разврската на крајот, кој бездруго нуди повеќе толкувања, читателот осознава дека справувањето со сопствениот недостиг значи справување со сѐ.
Во романот се наметнуваат деликатни прашања: што ако веќе го нема минатото на кое сакаш да му се вратиш, што ако не можеш да го промениш она што никогаш не се случило, што ако дури ни во детството веќе никој не те чека, дали твојата неприпадност е нечија туѓа припадност?
Симеон Јанков е роден во 1981 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во групата Македонски и јужнословенски книжевности. Автор е на романите „Црна шума“ (Ми-Ан, 2019) и „Најосаменото место“ (Или-или, 2021).