КОНФЛИКТИТЕ ЈА ЗГОЛЕМИЈА ПОБАРУВАЧКАТА

Продажбата на оружје и воени услуги меѓу 100-те најголеми компании во светот се зголеми на 632 милијарди долари во 2023 година, што претставува реален раст од 4,2 отсто во споредба со претходната година, се вели во извештајот на Институтот за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ). Раст на приходите е забележан во сите региони, додека компаниите од Русија и од Блискиот Исток водеа со зголемувањето.
Растот на приходите се припишува на зголемената глобална побарувачка за оружје, предизвикана од војните во Украина и Газа, тензиите во Источна Азија и програмите за повторно вооружување. Помалите производители се покажаа како поагилни во приспособувањето на новите нарачки, додека најголемите компании го почувствуваа притисокот поради сложените синџири на снабдување. Лоренцо Скарацато, истражувач во СИПРИ, предвидува континуиран раст во индустријата годинава, истакнувајќи го оптимизмот на производителите, видлив преку зголеменото производство и вработеноста.
Од вкупните приходи на 100-те најголеми компании, 41 американска компанија оствариле 317 милијарди долари, што е половина од вкупната сума. Додека повеќето американски производители забележаа раст на приходите, големите компании како „Локхид Мартин“ и „Ар-ти-екс“ се соочија со падови поради проблеми со синџирот на снабдување, особено во аеронаутичкиот и ракетниот сектор.
Европските компании остварија само 0,2 отсто раст, со вкупни приходи од 133 милијарди долари. Компаниите со седиште на Блискиот Исток ги зголемија приходите за 18 отсто, додека израелските производители забележаа рекордни 13,6 милијарди долари благодарение на конфликтот во Газа.
Две руски компании во водечките 100 постигнаа раст на приходите од 40 отсто, поттикнат од модернизацијата на постојниот арсенал и производството на нова опрема за офанзивата во Украина. Кинеските компании забележаа раст од 0,7 отсто, а индиските компании од 5,8 отсто.